Денешната одлка на директорот на МКЦ Бени Шаќири да отпушти 30 хонорарци од МКЦ, да го затвори планетариумот, бифето МКЦ, продавницата „Апотека“ и делумично Кино Милениум се срамни и претставуваат опасност за исчезнување на еден од главните простори на алтернативната културна сцена, развивање на критичката мисла и младинското заедничарење.
Извор за порталот Сакам да кажам вели: „Одлуката е базирана врз писмо со препорака доставено до МКЦ од страна на Државната комисијата за спречување на корупцијата (ДКСК), во која се вели дека во тек на изборниот процес не смее да се склучуваат договори со кои би се злоупотребиле буџетски средства. Во суштина, договорите кои се прекинати воопшто не се поврзани со користењето на буџетските средства, туку се однесуваат на соработници кои генерираат приход и истите соработници се исплаќаат од генерираниот сопствен приход. Одлуката која ја донел директорот е еднострана и неоснована, уште повеќе штетна за институцијата која ако не работи во наредните неколку месеци, ќе се нанесе непоправлива штета на долг рок. МКЦ досега се соочил со мноштво изборни процеси во кои биле ангажирани лица согласно законските насоки. Дополнително, институцијата во 2023 е доведена во незавидна финансиска положба и без програмата која носи приход, е невозможно да се намалат милионските долгови продуцирани во толку краток период“.
Само пред еден месец заедно со бранители и бранителки на јавните простори зборувавме за структурните опресивни политки коишто го таргетираат МКЦ изминативе години како дел од нашата конференција за активно граѓанство КритикУМ. Денешната вест е само потврда на она што очекувавме дека ќе следи после проблематичниот избор за процес на директор на МКЦ. Исто така оваа одлука е потценувачка и поразувачка порака што се испраќа кон младите коишто цврсто застанаа позади идејата дека овој простор е суштински значен за нив и дека генерацијата за којашто постои оваа институција не сака и не дозволува интервенции коишто ќе значат згаснување или пак задирање во автономијата на институцијата.
Крајно, овие простори се наши, на граѓаните. Секаков обид тие да бидат загрозени го сметаме како директен упад во нашата слобода, во слободата да бидеме свои, да имаме наши простори, да танцуваме, да твориме, да го преиспитуваме општеството, да сме заедно во моменти кога сме се чувствувале осамено. Овој простор не е партиска сопственост. МКЦ е натпартиски концепт којшто конечно треба да биде оставен да им служи на граѓаните наместо на партиските игри и пресметки.