Програмите на Еквалис вклучуваат млади девојки и жени од различни позадини кои сосебе носат важни придонеси во организацијата. Родот како тема се испреплетува во многу проекти и програми кои ги води Еквалис. Еквалис има иницирано програми кои во фокус ги ставаат потребите на младите девојки и жени, програми кои воедно и се водени од жени.
По основањето на Еквалис, една од првите програми беше „What’s Gender Got to Do With It?“ (имплементирана во 3 различни едиции низ годините) која овозможи размена на идеи, визии и можности во кои девојките и жените, се ослободени од насилство, каде што патријархалните норми не ги предодредуваат животите на жените и каде што справувањето со системите на угнетување е во контрола на оние кои што се директно засегнати од самите тие системи.
Во Еквалис се работи на справување со родовата стигма, родовото насилство и родовите очекувања, на различни креативни начини. Преку спроведувањето на младинската програма за феминистичка слем поезија, Еквалис ги менторираше младите девојки и жени да се осврнат на тоа како родовата стигма и родовoтo угнетување претставуваат бариери за нивниот развој. Тие работеа со една од најпознатите изведувачки на слем поезија за да подготват феминистички слем поетски изведби, кои беа изведувани на јавни простори кои се значајни за жените (јавни простори каде обично се случува сексуално вознемирување, споменици на познати женски историски личности, владини институции и културни простори ).
Преку нашите тренинг програми ги обучивме претставниците во студентските тела да се залагаат и дејствуваат за зголемување на застапеноста на жените во повисоките структури на овие тела. Забележано е значително намалување на застапеноста на жените на позиции на моќ кога станува збор за структурното организирање во средните училишта. Еквалис поттикна и мотивираше многу млади девојки да ја поднесат својата кандидатура за тие позиции.
Родовите програми на Еквалис вклучуваат и млади момчиња и мажи кои имаат одредени позиции на моќ. Преку тие програми се сензибилизираат за тоа како да изградат средина која што е родово инклузивна, и притоа не само во однос на родот како бинарна конструкција, туку и пошироко од тоа, со вклучување трансродови и небинарни претставници, како и други LGBITQ+ членови.
Со тоа што сме дел од Платформата за родова еднаквост заедно со нашите партнери, јавно се обративме, осудивме, протестиравме и марширавме против многу неправди со кои се справуваат жените, како што се фемицидите, случајот „Јавна соба“ во кој млади девојки и жени беа сексуално вознемирувани онлајн, но, исто така, се фокусираше и на неможноста на институциите да го адресираат родот во нивното владеење и потребата да се овозможи градење на безбедни средини за сите жени и девојки.
Еквалис работи со многу млади луѓе, но и возрасни кои се идентификуваат како дел од ЛГБТИК+ заедницата. Во земја како Северна Македонија каде што преваленцата на насилство кон оваа заедница е висока, Еквалис обезбедува безбеден простор (и физички, но и во однос на програмите кои ги нуди) за членовите на оваа заедница. Сведоци сме на бројни млади кои се чувствуваат небезбедно или дома или на училиште и кои во Еквалис најдоа платформа која ги вклучи како еднакви и како создавач(к)и на тој безбеден простор, каде што нивниот идентитет е нешто што може да се слави, наместо да се крие или пак да е подложен на насилство.
Еквалис отворено, видливо и без заддршка зазема став за унапредување на правата на ЛГБТИК+ во Северна Македонија. Ова главно е обезбедено преку едукација на младите кои се дел од заедницата и фокусирани сме на обезбедување простор на целосно прифаќање на нивниот идентитет, како и на соработка и сојузништво со нивните хетеросексуални врсници и градење сојузи со нив, а понекогаш дури и со нивните родители. Еквалис работеше со мала група на наставници и ги обучи како да обезбеди безбедна средина во училницата за нивните ЛГБТИК+ ученици.
Во нашите медиумски програми работевме на унапредување на позитивно застапување на ЛГБТИК+ луѓето во медиумите преку креирање на родов и ЛГБТИК+ весник кој се дистрибуираше во неколку средни училишта, потоа преку кампањи за подигање на свеста на медиумите околу ЛГБТИК+ еднаквоста, а исто така работевме и на борба против лажните информации за ЛГБТИК+ младината кои ги шират антидемократските групи како анти-родовите движења.
Еквалис активно работи на анализирањето и следењето на ефектите што анти-родовото движење ги имаше врз секојдневниот живот на ЛГБТИК+ луѓето, со посебен фокус на ЛГБТИК+ младите. Еквалис обучи група активисти, да ја следат работата на анти-родовите движења во училиштата или во нивните локални заедници, и кои претставуваат сериозна закана за демократијата.
Еквалис е членка на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија – неформална мрежа на здруженија на граѓани и неформални групи кои работат заедно на промовирање на гарантирањето и уживањето на човековите права на ЛГБТИ+ лицата во Република Северна Македонија. Членови сме на ЕРА-ЛГБТИ Здружение за еднакви права за Западен Балкан и Турција – регионална мрежа е на лезбејки, геј, бисексуалци, транс, интерсексуални и квир организации од Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија , Словенија и Турција. Еквалис е дел и од организацискиот одбор на Скопје Прајд.