Еквалис се залага за адресирање на теми поврзани со изградба на мирот, поттикнување на луѓе од различни етнички, како и социјални позадини да градат визии за заедничка иднина, како и овозможување на средина во којашто помирувањето настанува преку дијалог и отворен простор. Во нашата работа со мировно образование, Еквалис работи со различни целни групи и тоа со млади (преку програми за врсничка едукација), со професори и наставници (преку изработка на специјализирани наставни планови) и со експерти од полето на мировно обраозвание (преку организирање на стратегиски средби). Како дел од оваа програма се изработени и неколку едукативни ресурси.
Програмата за мировно обраозвание на Еквалис е имплементирана со повеќе млади од различни средини. Нашата програма за мировно образование започна со повеќемесечни тренинзи за учениците од мултиетничкото училиште „Браќа Миладиновци“ во Драчево со учениците од македонските и албанските паралелки. Потоа програмата се прошири и вклучи и ученици од други средни училишта преку пристапот на врсничка едукација за мировно образование. Младите како дел од оваа програма отвораа суштински дијалози за тоа што значи мирот за нив, како се пројавуваат меѓуетничките тензии и на кои начини може да бидат тие адресирани и да се поттикне атмосфера на соживот и меѓусебна поддршка. Во оваа програма се работи со интерактивни образовни методи и методи од неформалното образование како на пример: форум театар (театар на угнетените), театар на сенки, симулации, студии на случај и пленарни дискусии- каде што учесниците низ својата креативност и заедничка соработка ги адресираат елементите на тоа што значи суштински мирот за нив, но и практикуваат соживот со самото тоа што и покрај поделбите во општеството тие заеднички работат на креирање на решенија.
Еквалис обучи неколку наставници за изработка на наставни планови за воннаставни активности поврзани со мировно образование. Неколкуте професори потоа учествуваа во ко-креирање на прирачникот за спроведување на активности со мирвоно образование во училиштата. Дополнително, на оваа активност покрај професорите учествуваше и училишниот едукатор за специјална едукација. Во делот на јавни документи на нашиот веб сајт може да се најде целосната верзија на прирачникот на македонски, албански и англиски.
Еквалис спроведе неколку средби на експерти од Западен Балкан (Северна Македонија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина) со цел да се постават регионални стратегии и да се разменат позитивни пракси за активности од мировното образование на Балканот.