Ekvalis
17.1.2023
Настани
Здружението за едукативен развој- ЕКВАЛИС во соработка со ПИНА- Платформа за истражувачко новинарство и анализи отвораат повик за учесници на младинската програма за онлајн активизам. Програмата е отворена за млади од 15 до 30 години од територијата на град Скопје. Целта на оваа програма е да им понуди на младите заинтересирани за активистичко дејствување алатки за артикулирање на нивните гласови во онлајн просторот, да ги запознае младите со тоа како функционираат медиумите, а особено социјалните медиуми, како и да развие критички пристап кон медиумските пораки и информации со коишто младите се сретнуваат дневно.
Доколку постои проблем во вашето училиште, населба, заедница или пошироко во државата и мислите дека е неисправен, дека малку се зборува за таа тема и дека гласот на младите е недоволно претставен во тоа поле- тогаш оваа програма е за вас. Секој што поседува паметен телефон и пристап до интернет денеска е креатор и испраќач на информации- но преку оваа програма се стремиме да креираме медиумски описменети и свесни млади коишто преку медиумите ќе проговорат за темите коишто директно ги засегаат и коишто ја познаваат одговорноста што ја носат со испраќањето на медиумски производи.
Програмата ќе се одвива во две фази преку коишто учесниците ќе работат со искусни обучувачи, говорници и предавачи со големо професионално искуство во медиумите и граѓанскиот сектор. За целата листа на обучувачи и говорници на прорамата отворете го овој линк.
Првиот дел на оваа програма е едукативен и ги опфаќа следните активности:
- Работилница „ Онлајн активизам и моќта на медиумите во придвижување кон општествени промени “ со Ангел Димитриевски од Здружение за едукативен развој Еквалис
Информации за работилницата: Групата ќе се запознае со моќта што онлајн медиумите ја имаат во активистичкото дејствување кај младите и како медиумите може да им помогнат во гласно артикулирање за младинските прашања и потреби. Истовремено, ќе бидат проучени и некои успешни примери на онлајн активизам преку граѓански иницијативи, активистички групи и протестни движења коишто ги искористиле онлајн медиумите како важна алатка во своето дејствување.
- Неформален разговор со Ивана Смилевска и Мартин Колоски од Радио МОФ „ Младинските интереси и потреби во онлајн просторот“
Информации за разговорот: Ивана Смилевска и Мартин Колоски се млади новинари од Радио МОФ- медиум којшто целосно дејствува онлајн. Овој разговор ќе се однесува на она што го работи Радио МОФ, најзастапените теми кои се покриени, а кои се најчесто поврзани со младинските интереси, од областа животна средина, културата, активизмот, но и социјални теми. Во однос на подигнување на јавната свест околу менталното здравје, РАДИО МОФ ја има основзно и рубриката #ШтоТиТежи како платформа за младинските дилеми и прашања со менталното здравје коишто се одговорани од психолози и психотерапевти- целосно анонимно.
- Работилница „ Медиумската писменост на социјални мрежи “ со Кристина Озимец од ПИНА- Платформа за истражувачко новинарство и анализи
Информации за работилницата: Групата ќе се запознае со основите на медиумската писменост во дигиталниот свет и преку практични примери ќе добие увид во тоа како функционираат манипулациите и дезинформациите на Интернет. Ќе добие и препораки за разни алатки кои може да помогнат за проверка на информациите кои ги читаме онлајн.
- Работилница „ Основи на мобилно новинарство (#MOJO) и мобилни видеа “ со Кристина Озимец од ПИНА- Платформа за истражувачко новинарство и анализи
Информации за работилницата: Групата ќе се запознае со основите на мобилното новинарство и како да се добие добро видео, снимено и монтирано на мобилен телефон. Учесниците ќе се запознаат со повеќе апликации корисни за мобилно новинарство (#mojo) со кои преку практични примери ќе се запознаат со алатките потребни за изработка на ваков тип на видеа.
- Неформален разговор со Рита Бехадини од Мрежа на млади новинари „Онлајн иницијатива #НемаСапун/ #SkaSapun“
Информации за разговорот: Рита Бехадини ќе ја раскаже приказната за како настанала онлајн иницијативата #НемаСапун/ #SkaSapun. Оваа онлајн кампања ја започнаа група на млади луѓе коишто почнаа да ги обележуваат училиштата и факултети коишто немаат сапун. Како дел од Мрежата на млади новинари, Рита ќе раскаже за тоа какви биле реакциите во текот на спроведувањето на оваа кампања и каков фидбек добиле. Истовремено, Рита ќе се осврне и на тоа како носењето на недостатокот на сапун онлајн и преку социјалните мрежи им помогнал да го актуелизираат овој проблем.
- Работилница „Алатки и платформи за онлајн активизам“ Ангел Димитриевски од Здружение за едукативен развој Еквалис
Информации за работилницата: Групата ќе се запознае и ќе ги истражи различните пристапи, алатки и платформи преку коишто може да бидат искористени за младински онлајн активизам како база за втората фаза од програмата. На оваа работилница ќе бидат скицирани и начините на коишто ќе се покријат темите од важност на младите преку онлајн дејствувањето во втората фаза од програмата.Во втората фаза на програмата учесниците ќе треба практично да ги осознаат потенцијалите на онлајн медиумите за актуелизирање на теми од важност на младите. Во рок од 6 недели учесниците од програмата ќе ја зајакнат нивната општествена улога како промотори на теми коишто се од интерес на младите во контакт со други млади луѓе, експерти од областа, претставници на институции, медиуми или други мапирани важни актери од нивна страна. Секоја недела ќе биде во фокус една тема којашто ќе се разработува во текот на неделата. Темата ќе биде објавувана во понеделник и разработувана во текот на целата недела преку различни пристапи: изработка на кратки видеа изработени според принципот на мобилно новинарство, преноси во живо (live streams), анкети, квизови, презентирање на резултати од истражувања коишто соодвестуваат на темата и други интерактивни и дигитални пристапи. Сите знаења, вештини и алатки научени во првата фаза од програмата ќе бидат применети во практичниот дел од оваа програма. Заинтересираните учесници потребно е да го пополнат апликацискиот формулар достапен на следниот линк: https://forms.gle/Wo3jeCFNkwJ8JmgX6 . Учесниците може да аплицираат најдоцна до 20 март до 23:59 часот.Препорачуваме да аплицирате на оваа програма само доколку во целост може да ги следите сите делови од двете фази на програмата. По успешно завршување на програмата сите учесници ќе добијат сертификат којшто ќе го потврди нивното активно учество во програмата. Сите прашања коишто ги имате во врска со програмата, ве молиме испратете ги на info@ekvalis.org.mk.