На 24-ти и 25ти јануари во Скопје ја организираме втората едиција на нашата националната конференција за активно граѓанство „КритикУМ“.
Оваа национална конференција претставува простор за поврзување, градење на заеднички стратегии, но и оснажување за пракси, примери и платформи преку коишто граѓаните се обидуваат да ги променат заедниците. Преку оваа едиција на конференцијата ќе погледнеме во некои од најистрајните и храбри подвизи на граѓанско мобилизирање во нашата држава, но во исто време ќе зборуваме за активзмот низ неговата несовршена перспектива, како нешто коешто се менува, не менува и нас самите, на моменти можеби разочарува, но несомнено непрестано не инсприра и движи напред. Излегувајќи од класичниот формат на конференција, во вториот ден организираме и интеркативна прошетка низ градот со којашто ќе бидеме во контакт со јавниот простор како место каде што нашите борби секојдневно се случуваат и испишуваме истории на истрајност и отпор.
Регистрацијата за конференцијата е отворена во линкот: https://forms.gle/LsYKW2EfGZdbybp48.
За учесниците надвор од Скопје ќе бидат покриени патните трошоци во висина на повратен автобуски билет.
Програма:
24ти јануари (петок)
Дневна програма во Лабораториум, почеток 11:00
- Панел 1- Граѓански визии за градот: Во одбрана на воздухот, водата и јавниот простор
Овој панел ќе се обиде да ги доближи различните форми и стратегии на граѓанско организирање коишто се фокусираат кон заштита на јавниот простор, особено простори коишто под притисоците на урбаната мафија и институционалната негрижа континуирано се стеснуваат, изменувааат, добиваат нов лик и ги бришат хуманите начини на уредување на нашите градови, соседства и заедници.
Како да се движиме низ јавниот простор кога немаме пристап до вода од јавните градски фонтани и чешми? Како би можеле да дејствуваме кон ослободување на јавниот простор, ако тоа што сме надвор во физичкиот простор значи дека дишеме токсини преку екстремно загаден воздух и постепено и бавно го труеме нашето тело? Дали можеме да замислуваме и дејствуваме кон нови начини на политичко обединување и ослободување со нашите сограѓн(к)и ако јавниот простор наместо да нè поканува да сме заедно, нè испраќа во нашите приватни простори, ако нашите лица се покриени со маски што нè штитат од загаденоста но нè прават непрепознатливи, ако нашите физиолошки потреби за вода или тоалети се задоволени само во ресторани или кафулиња, под услов на конзумирањето условено од пари (во ресторани или кафулиња)?
Креирањето на јавно достапни информации за пристапот до вода, 17 дневни блокади на организирани граѓани во Кочани што спречија отворање на нова депонија во регионот или пак директно влегување во општиниски совет како независен глас најблизок до граѓан(к)ите. Овој интергенерациски панел сака да им даде надеж, предавање на научените лекции, да погледне кон неуспесите како природен процес во активистичката борба, како и да испрати покана за мобилизација на присутните дека само ако гласовите на отпор се гласни и истрајни може да ги победат репресивните сили што не раздвојуваат.
Говорници/чки:
-Еди Фрцовски - Иницијатива за мапињање на функционалните чешми за вода во Скопје, граѓански активист и биолог
-Благица Сабовљевиќ-Стоименова - Граѓанско движење за блокада на кочанската депонија, активистка за заштита на животната средина
-Јана Белчева-Андреевска- Поранешна советничка во општина Центар како дел од граѓанското движење Шанса за Центар, дел од граструт движење „Одбрана на Дебар Маало“
Модератор: Ангел Димитриевски- Еквалис
- Панел 2- Пркоси во алтернативната културна сцена
Овој панел ќе се осврне кон различните начини на кои граѓаните ја користат уметноста како алатка за општествена промена. Во апатично општество како што е нашето потребата да се изрази револтот на некој начин кој можеби е помек, поемоционален и суптилен е многу присутен. Уметноста има голема моќ во менувањето на вредностите на луѓето, на градењето на критичка мисла и на отварањето на светогледот на секој човек. А, секоја општествена промена започнува со промена на нашите интимни доживувања и на начинот на кој се поврзуваме со другите луѓе со кои градиме заедници.
Како може заедниците кои ги градиме да се почетокот на општествена промена? Кое е значењето на вистинско поттикнување на критичка мисла кај младите? Како може да се поттикнат младите да творат, да се поддржуваат меѓусебно во својата уметност, да се охрабруваат да споделуваат и да не престануваат тоа да го прават иако нема никаква институционална поддршка за истото? Кое е вусшност значењето на градење на силни алтернативни столбови кои ќе ја држат и издигнуваат културата во систем кој не создава простор за неа?
Преку приказните за Култура Бета- млади ентузијасти за литература и уметност, Партизанска Штампа и Колектив Ветерница- работилница за сито печат која е многу повеќе од само тоа, туку е и простор за градење на критичко мислење и самодоверба и Под земја полесно се дише - иницијатива којашто опстојува веќе 10 години и зазема нетипични јавни простори за младите уметници, ќе ги отвориме овие прашања и ќе се потрудиме да најдеме некои одговори кои потоа може да ни бидат патоказ за градење на поздраво општество.
Говорници/чки:
-Ивана Мирчевска - Визуелна уметница и една од организаторките на фестивалот „Под земја полесно се дише“
-Андреј Медиќ Лазаревски - Основач и главен и одговорен уредник на „Култура Бета"
-Билјана Димитрова- Колектив Ветерница и Партизанска Штампа
Модераторка: Надица Банишка- Еквалис
- Вечерна програма во Лабораториум, почеток од 21:00- Настап на бендот Кокиче
Кокиче е бенд во кој се Филип Методиев на гитара, Дарио Циевски на тапани и електроника, Мартин Џорлев на хармоника и Раде Биковски на бас. Свират импровизирана музика околу теми кои шараат од џез и класика до некаков си рок и ноиз. Сѐ уште млади како бенд, полека но сигурно го обликуваат својот звук кој се состои од детски мелодии, богати хармонии и чудни звуци со шашави тапани.
25ти јануари (сабота)
- Интерактивна прошетка „Скопје, големото бегство“
Збирна локација: Плоштад Слобода, Дом на култура „Кочо Рацин“ (поранешно Дом на градежници), почеток од 12:00
„Скопје, големото бегство“ е имерсивна претстава, интерактивна прошетка, аудио визуелно искуство кое ја ангажира публиката низ дел од заборавените места во Скопје, каде низ колективна прошетка се отвораат прашања за општествената димензија на јавните простори.
Конференцијата за активно граѓанство КритикУМ ја организира Здружението за едукативен развој Еквалис, со финансиска поддршка на Националниот фонд за демократија (NED) и Европскиот фонд за Балкан.