Според Законот за младинско учество и младински политики е предвидено секоја општина да има свој младински центар. Иако е ветено отворање на младински центар во Прилеп од страна на локалните власти, тоа се уште не е исполнето. Поради тоа, невладината организација Младински совет Прилеп (МСП) заедно со локалните млади покрена Иницијатива за отворање на истиот. МСП на 5-ти април годинава ја достави петицијата за отворање на младинскиот центар и ги повика локалните власти да го исполнат ветувањето.
Во 2020 година со донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики, во рок од пет години е предвидено секоја општина да отвори свој младински центар . Но иако некои општини веќе го реализираа тоа, во Прилеп ветеното за жал е неисполнето. За тоа колку навистина младите во Прилеп го посакуваат овој простор , сведочи шестмесечната иницијатива „Биди креатор на својата автономна зона- Младински центар”.
Граѓанско организирање за младински центар во Прилеп
Во текот на оваа иницијатива, младите првенствено организираа инфо денови за да ја промовираат иницијативата и да информираат што поголем број на млади. На овие денови, на младите им беше овозможено даа ги споделат своите мислења и желби за тоа што сакаат да нуди младинскиот центар. Со цел да дознаат што поголем број на млади за ова, во рамките на оваа иницијатива МСП подготвуваше радио поткасти со младите радио водители, кои беа објавени на Интернет радиото „Радио Пулс”.
Оваа иницијатива беше поставена на веб платформата www.iniciraj.mk каде што младите имаа можност да дадат свои мислења, идеи, коментари и препораки. Користејќи ги дигиталните алатки, се организираа пет работилници со млади, каде што младите повторно имаа прилика да го искажат својот глас.
МСП организираше четири настани за собирање потписи, каде што како потврда за неопходноста за отворање на овој младински центар беа собрани 606 потписи од страна на младите.
Стефани Мажучанец, проектен асистент во МСП вели дека како потврда дека младите беа мотивирани и поттикнати за да продолжат да го застапуваат тоа што им е потребно е Документот со препораки, кој произлезе од нив, низ низа активности во кои имаа можност да дадат мислење за тоа „Каков тип на активности и услуги треба да нуди Младинскиот Центар“.
„При реализација на иницијативата не се соочивме со посериозни потешкотии кои би ја попречиле успешноста на истата. Единствени предизвици со кои се соочивме беа поврзани со лошите временски услови кои влијаеја на реализација на активностите кои беа предвидени да се реализираат во центарот на градот. Поради тоа имавме мали отстапувања на предвидените датуми, но сепак сите активности се реализираа со предвидениот квалитет и успех”, објасни Стефани.
Тркалезна маса,, Зона на млади”
Откако беа спроведени сите активности од оваа иницијатива, на 5-ти април годинава беше одржана тркалезна маса „Зона на млади“ каде што присуствуваше градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, други претставници на локалната самоуправа, како и останати засегнати страни. На оваа тркалезна маса Младински совет Прилеп заедно со младите го доставија Документот со препораки каде што беа вградени сите мислења, идеи и препораки од страна на младите по ова прашање.
Накратко, младите сакаат младинскиот центар да содржи: уметничко катче, мултимедијална соба, простор за неформални работилници, библиотека, кафе бар, просторија за рекреативни игри и многу други активности кои што се вметнати во Документот со препораки.
Отворање за шест месеци?
Општината истакна дека тие веќе почнале со спроведување на законот и со имплементација на деловите од законот. „Она кон кое што сите целиме и Општина Прилеп е отворање на младински центар“, изјави советникот за млади, Гоце Бумбароски. Тој посочи дека се очекува за пет до шест месеци да се спроведе отворањето, и младите во Прилеп конечно да добијат свој центар.
Според присутните на тркалезната маса, доколку навистина се отвори младинскиот центар тоа би било комерцијална институција којашто некој би требало да ја менаџира. Па според тоа, ја прашавме невладината организација „Агтис“ од Прилеп што мисли по ова прашање.
„За менаџирање со просторот, може да биде одговорна невладина организација или заедничко партнество со инстиуцијата, општината и невладина организација”, сметаат од „Агтис“.
За тоа колку им е потребен овој простор на младите и за што, можат да потврдат изјавите на активистите од Младински совет Прилеп:
„Тргнувајќи првенствено од мене како локален едукатор во МСП, кој организира работилници со млади потребен е простор, пред се, каде што би можеле да ги спроведеме тие активности успешно”, вели Михаела Стојаноска.
Ненад Кулески, додава дека младинскиот центар би овозможил поминување на корисно слободно време.
Поминувањето време со други луѓе може да придонесе за поинакво согледување на работите, зголемување на бројот на информации кои човек ги поседува и се разбира, смеата која би го исполнувала целото катче. На 30 април годинава заврши оваа иницијатива. Она што ни преостанува е да им веруваме на локалните функционири дека ќе го исполнат она што го ветија на предизборната кампања – отворање и менаџирање на младински центар.
Овој текст е напишан од младинската активистка Милена Ѓуроска и е изработен во рамки на младинската програма за онлајн актвизизам имплементирана од Здружението за едукативен развој Еквалис во партнерство со Фокус, а поддржана од Националниот фонд за демократија, Европската младинска фондација и Советот на Европа.