Здружението за едукативен развој- Еквалис отвора повик за учесници за младинската програма за креативни активистички интервенции. Повикот е отворен за млади на возраст од 15- 30 години од територијата на Скопје.
Уметноста отсекогаш била во нераскинлива врска со општествените процеси, но современата уметност уште повеќе ја зајакнува таа врска и честопати самата станува агенс за отпочнување или зајакнување на процеси на промена. Оваа програма е наменета за активист(к)и коишто сакаат да научат како да ги користат уметничките пристапи во нивниот активизам на локално ниво.
За време на програмата ќе имате можност преку јавни чајанки да истражувате за нивото на социјална ангажираност на вашите сограѓани и да ги барате тивките „херои“ на нашето време. Собраните приказни потоа ќе имате шанса да ги пренесете во пишана и визуелна форма преку изработка на фанзини. Програмата не бара никакви предзнаења или вештини во полето на уметноста- туку ќе цели да ги доопреми активистите со вакви алатки за да може да практикуваат покреативен активизам којшто ќе им пркоси на општествените антидемократски процеси. Во исто време прогрмата ќе ги архивира движеањта, групите и индвидуите коишто служат како двигатели на важните демократски процеси во своите мали, локални заедници.
Програмата се состои од два дела: едукативен дел и практичен дел.
На овие работилници ќе дознаете за повеќе инспиративни современи уметнички практики и за уметнички активизам. Ќе бидат разгледувани практики од современата уметност каде активизмот и уметноста се преклопуваат, и каде уметниците активно биле вклучени во креирање на услови за побрзо или поефикасно менување или решаање на одреден проблем. Кои се тие креативни тактики и стратегии кои активистите и сите оние кои сакаат да се занимаваат со општествени промени можат да ги „позајмат“ од уметноста?
Едукативниот дел е составен од 6 тематски работилници коишто ќе се одржуваат во викендите и се предвидени во следните датуми и на следните теми прикажни во табелата. Работилниците се креирани со методите на неформално образование и тоа преку интерактивни вежби, прибирање на приказни и орална историја преку организирање на чајанки во јавен простор, играње на улоги, работа во групи и пленарни дискусии.
НАСЛОВ НА РАБОТИЛНИЦАТА | ДАТУМ | ВРЕМЕ | ЛОКАЦИЈА |
Социјално ангажирани уметнички практики и нивната врска со демократијата | 04.03.2023 | 12:00-16:00 | Еквалис |
Алатки за креативен активизам | 11.03.2023 | 12:00-16:00 | Еквалис |
Собирање на приказни за тивки херои: Чајанка во јавен простор (1) | 18.03.2023 | 12:00-16:00 | Градски парк |
Собирање на приказни за тивки херои: Чајанка во јавен простор (2) | 19.03.2023 | 12:00-16:00 | Стара скопска чаршија |
Фанзинот како практична, ефтина и ефективна алатка за активизам (практики, начини на изработка, методи) | 25.03.2023 | 12:00-16:00 | Еквалис |
Креирање на фанзините со различни методи | 01.04.2023 | 12:00-16:00 | Еквалис |
Вториот дел од прогрмата е практичен. Учесниците во текот на работилниците ќе изработуваат фанзини коишто ќе претставуваат финален продукт којшто ќе произлезе од работилниците и чајанките и ќе актуелизира прашања важни за младите. Како дел од практичниот дел на оваа програмата, учесниците по групи ќе треба да ги претстават фанзините во јавноста преку 3 колаборативни настани. Настаните ќе се одржат во текот на месец април и мај и се задолжителен и интегрален дел од програмата.
Програмата ќе биде водена од страна на уметницата Кристина Божурска.
По успешното завршување на двата дела од програмата учесниците ќе добијат сертификат и писмо со препорака одработени 70 волонтерски часови во својата заедница.
Учеството на сите работилници и колаборативните настани е задолжително.
Сите заинтересирани учесници треба да ја пополнат апликацијата на овој линк https://forms.gle/cngNagWJvxBesaSh6 најдоцна до 24 февруари до 17:00.
Доколку имате дополнителни прашања за програмата- контактирајте не’ на info@ekvalis.org.mk.
Младинската програма за активно граѓанство е дел од проектот „Младите дејствуваат за демократија“ спроведуван од Здружението за едукативен развој- Еквалис, а финансиски поддржан од Националниот фонд за демократија (NED).