Во прилог ви го пренесуваме искуството на Ивана, која моментално е волонтерка преку програмата на Европскиот солидарен корпус во Тераса, Барселона, Шпанија на период од 8 месеци, a Еквалис е нејзината матична организација. Ивана е 24 годишна девојка од Скопје, млада книжевница и студентка, со искуство во неформално образование и работа со млади на повеќе полиња.
Ви пишувам од Барселона, со цел да го споделам прекрасното искуство преку програмата Еразмус+ кое моментално го имам и преку кое сум волонтерка во организацијата за млади La Vibria Intercultural на позиција врзана со тренинзи и размени преку таа програма, неформално образование и можности за локалните млади. Тука сум повеќе од два месеци и ова искуство за мене е првото напуштање од зоната на комфорот и живеење во странство на подолг период. Имав многу причини поради кои сакав да дојдам, себеси се сметам за човек кој сака многу да патува, но не очекував дека ќе биде толку позитивно искуство за мене.
Живеам во прекрасен и простран стан со 6 цимери и цимерки од различни земји кои полека ми станаа како семејство. Со нив го поминувам поголем дел од времето, меѓутоа, на оваа програма сме околу 15 луѓе од различни земји низ Европа, што значи дека секогаш е забавно и продуктивно поминатото време. Во однос на работата, работам во многу пријатна средина каде можам да ги одберам своите обврски и интензитетот, и учам многу за неформалното образование и можностите за работа со млади луѓе, како и безброј други дополнителни нешта за кои порано не сум ни слушнала. Во моментов посетувам и часови по конверзација на шпански, а почнувам и со основен курс по каталонски, иако воглавно, тука најчесто го користам шпанскиот и англискиот јазик паралелно, што ми дава простор да го усовршам шпанскиот јазик преку секојдневна комуникација и разбирање.
Каталонија како регион има посебен шарм и гостопримливост, кои помешани со шпанскиот јазик и култура, за мене се прекрасна комбинација. Во оваа смисла, не чувстувам некој особен културен шок , освен можеби кога се трудам да забележам во која смисла Шпанија има големи предности во поглед на системското функционирање и третманот на своите граѓани, ама и како граѓаните се грижат за околината и односот кон природата.
Особено ми е драго затоа што дојдов токму во организацијата каде сакав да бидам и затоа што се осмелив. Овој процес на континуирано менување и растење кој започна тука ќе го паметам како еден од најубавите во животот, и се трудам свесно да го живеам секој ден. Драго ми е затоа што ја имав храброста да се осмелам, да тргнам кон искуство кое ме поврза со толку прекрасни луѓе и места, што е невозможно понатаму да ги заборавам.
Би сакала да ги охрабрам сите кои размислуваат дефинитивно да ја искористат оваа можност преку Eвропски солидарен корпус и Еразмус. За мене, во моментов е авантурата на животот која секогаш ќе си ја носам во срцето, заедно со прекрасните пријатели од цел свет и новите светогледи кои патувањата ги носат со себе. Дефинитивно, најубавите спомени и искуства во последниве години, а и воопшто, ги стекнав токму преку Еразмус, а токму една средба со тим од Каталонија ова лето, ме инспирираше и да аплицирам за подолг престој и сега да бидам тука.