Здраво млади! Јас сум Денис Арслановски, младински работник и граѓански активист. Во фокусот на мојата работа се човековите права. Токму затоа моите ангажмани се поврзани со заедници од нашето општество кои имаат потреба од постигнување на еднаквост и остварување на човековите права – како што се младите луѓе, Ромите, социјално ранливи категории и други маргинализирани заедници. Да потенцирам дека ангажманите поврзани со развојот на капацитетите на младите луѓе ми се особено драги – прекрасно е чувството кога им се овозможува на младите луѓе да ги развијат и реализираат своите потенцијали, желби и идеи. Во очите на младите луѓе може да се виде иднината на светот.
Зошто сметаш дека демократијата е тема која треба да е значајна за младите во една заедница?
Младите се значаен дел од општеството, често пати се изоставени во носењето на одлуките кои се однесуваат на нив. Токму затоа треба да им се даде простор да се изборат за нивните потреби и права. А, доколку не им се дава простор – да знаат како да го создадат сами. Со малку едукација нивните идеи ќе добијат форма и реализација во секојдневниот живот.
Што ќе имаат шанса учесниците да научат за време на оваа програма?
Со учеството на оваа програма младите луѓе од Битола ќе имаат можност преку разни интерактивни активности да научат повеќе за човековите права и за демократските системи, како да бидат активни граѓани и кои алатки може да ги користат за да практикуваат активно граѓанство. Како да ги препознаваат општествените недостатоци од нивното секојдневие и како да ги надминат макар и делумно преку креативни форми на делување.
Дали може накратко да објасниш зошто е важно да се негува културата на дијалог и активно граѓанство кај младите?
Нормално е да има разлики во мислењата на повеќе различни луѓе и тие разлики никогаш не би се надминале без взаемен, конструктивен дијалог. А, тоа бара одредена култура на дијалог, која вклучува почитување на различното мислење без конфронтација. За жал културата на дијалог во политичкиот живот кај нас не мислам дека е на достојно ниво. Младите луѓе мора да го надминат тој “тренд“.
Дали сметаш дека младите во Битола имаат доволно можности да учат за како може да играат активна улога во процесот на донесување одлуки во својата заедница?
Мислам дека имаат можности, а би сакал да видам поголем интерес кај младите луѓе да ги искористат тие можности за учење како да бидат поактивни во процесите на одлучувања во заедниците каде што живеат и функционираат. Тоа што често пати се почувствувале дека не се слушнати ги обесхрабрува.
Во нашата програма главен ќе биде гласот на младите, ќе имаат целосна слобода да се искажат и да ги водат активностите.
Во склоп на програмата ќе се организира настан за означување на Интернационалниот ден на Ромите. Зошто сметаш дека ова е активност од големо значење и што ќе можат младите да научат за време на неа?
Нашиот град отсекогаш бил мултикутурен, скоро секој има сосед кој припаѓа на друг етникум и секоја можност за подобро запознавање со културата на соседот само не зближува и прави подобри сограѓани и пријатели. За жал, честопати живееме разделени со разни митови меѓу нас, особено кога станува збор за Ромите. Затоа, потребна е директната размена на информации за културата, како и за системската опресија која ја доживувале Ромите со векови наназад.
Учесниците ќе имаат можност да научат повеќе едни за други од прва рака. И потоа заедно да покажат пред останатите сограѓани пример за добрососетство и солидарност – вредности кои се неопходни за добро функционирање на еден мултикултурен град.
Повикот за младинската програма за активно граѓанство во Битола е во тек. Сите заинтересирани учесници треба да ја пополнат апликацијата на овој линк https://forms.gle/H8YVdxZu9hh4HX1c6 најдоцна до 7 февруари до 17:00.