Здружението за едукативен развој- Еквалис отвора повик за учесници за младинската програма за активно граѓанство. Повикот е отворен за млади на возраст од 15- 30 години од територијата на Битола.
Програмата има за цел да ги зголеми знаењата и демократските капацитети на младите во Битола. Во исто време, оваа програма ќе им понуди на младите простор за отворена дискусија за различните култури, субкултури и млади од различни идентитетски позадини, како и да ја позиционира нивната активна заложба во изградба на демократски средини.
Во програмата се очекува да се отвораат теми коишто се релевантни на младите како на пример одливот на мозоци, недостатокот на простори за младинско учество, потребата на младите подиректно да учествуваат во процесите на донесување одлуки, градењето на заедници и движења за општествена промена.
Програмата се состои од два дела: едукативен дел и практичен дел.
Едукативниот дел е составен од 6 тематски работилници коишто ќе се одржуваат во викендите и се предвидени во следните датуми и на следните теми прикажни во табелата. Работилниците се креирани со методите на неформално образование каде што учењето е водено според интерактивни вежби, студии на случај, игри на улоги, групни и пленарни дискусии, филмски анализи, индивидуални вежби за рефлексија и вежби за општествена анализа.
НАСЛОВ НА РАБОТИЛНИЦАТА | ДАТУМ | ВРЕМЕ | ЛОКАЦИЈА |
Демократски систем и граѓанско општество | 18 февруари (сабота) | 12:00-16:00 | Млади Хаб- Битола |
Заштита на човековите права | 25 февруари (сабота) | 12:00-16:00 | Млади Хаб-Битола |
Истражување на концептите култура, субкултура и културни различности | 26 февруари (недела) | 12:00-16:00 | Млади Хаб- Битола |
Адресирање на нееднаквостите и дискриминацијата кон маргиналните заедници | 04 март (сабота) | 12:00-16:00 | Млади Хаб-Битола |
Лажните вести како закана за демократијата | 11 март (сабота) | 12:00-16:00 | Млади Хаб- Битола |
Градење стратегии за локални активистички акции (колаборативни акции од учесниците) | 18 март (сабота) | 12:00-16:00 | Млади Хаб- Битола |
Вториот дел од прогрмата е практичен. Учесниците по работилници ќе учествуваат во спроведување на два настани во Битола коишто ќе се насочени кон подобрување на демократијата. Настаните ќе бидат одржани во текот на месец март и април.
Обучувач на програмата: Денис Арслановски.
По успешното завршување на двата дела од програмата учесниците ќе добијат сертификат и писмо со препорака одработени 70 волонтерски часови во својата заедница.
Учеството на сите работилници и колаборативните настани е задолжително.
Сите заинтересирани учесници треба да ја пополнат апликацијата на овој линк https://forms.gle/H8YVdxZu9hh4HX1c6 најдоцна до 7 февруари до 17:00.
Доколку имате дополнителни прашања за програмата- контактирајте не’ на info@ekvalis.org.mk.
Младинската програма за активно граѓанство е дел од проектот „Младите дејствуваат за демократија“ спроведуван од Здружението за едукативен развој- Еквалис, а финансиски поддржан од Националниот фонд за демократија (NED).