МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА ПОЧНУВА СО СПРОВЕДУВАЊЕ НА ПРЕДЛОГ ПРОГРАМАТА НА ЕКВАЛИС ЗА СЛУЖЕЊЕ ВО ЗАЕДНИЦАТА БЕЗ НИТУ ЕДНА КОНСУЛТАТИВНА СРЕДБА И ГИ СТАВА ВО РИЗИК ОСНОВНИТЕ ВРЕДНОСТИ НА ОВАА ПРОГРАМА
Здружението за едукативен развој Еквалис упатува остра реакција за нетранспарентниот и исклучвачки процес во којшто нашата предлог-програма за служба во заедницата која Еквалис ја развиваше и ја предложи во рамки на работните групи на МОН, уште од 2021 година, почнува да влегува во системот. Оваа предлог-програма беше креирана како дел од работната група во Министерството за образование и наука во 2021 година поврзана со младински прашања, а потоа се најде и како дел од Националната стратегија за млади 2023-2027 година.
Министерката Весна Јаневска на годишната конференција за соработка на Владата и граѓанскиот сектор презентираше дека Министерството и Бирото за развој на образование изработиле програма за учениците од седмо до деветто одделение според којашто секој ученик ќе помине 30 часа во волонтирање низ коешто ќе стекнат различни вештини, како свест за заедницата, одговорност и емпатија. Би сакале да ја известиме јавноста дека Еквалис како предлагач на оваа програма не беше ниту еднаш вклучена како организација во процесот на изработка на овој пилот-концепт. Напротив, дури ни на самата конференција на којашто Министерката успеа да го истакне ова како успех на институциите, ниту бевме поканети, а целосно се сомневаме и дека воопшто е споменато како е дојдено до овој предлог-концепт.
Сметаме дека ваквата постапка претсавува грубо демонистрирање на принципите не непартиципативност, но, уште поважно, сметаме дека на овој начин се кршат вредностите во оваа предлог-програма во којашто граѓанскиот сектор требаше да има клучна улога во дефинирање на спецификите. Во самиот старт ваквата програма стана она за коешто се залагавме да не е - нешто кон коешто ќе имаат пристап само одредени граѓански организаци или каузи, само одредени теми коишто во општеството се сметаат прифатливи, па дури и само нешто коешто учениците ќе го перцепираат како нов, стерилен елемент во образованието, наместо нешто низ коешто ќе растат, истражуваат и ќе го менуваат општеството.
Би сакале да ја известиме јавноста дека Еквалис поседува докази во форма на предлози за оваа програма, дописи до Министерството, медиумски написи, но и поддршка од колегите од работната група при Министерството со коишто јасно назначивме дека оваа програма е колаборативен процес на институциите и граѓанските организации. За нас е загрижувачки што оваа институција нема институционална меморија за тоа како се започнати вака клучни процеси, но, можеби, уште позагрижувачки, што со оваа институција треба да комуницираме преку реакции и јавни дописи, затоа што во изминатите две години Министерството за образование и наука нема одговорено на ниту едно од вкупно 5 писма испратени кон два различни министри на функција.
Образовните политики треба да се носат во најдобар интерес на учениците. Со жалење констатираме дека е искасапена една доблесна иницијатива којашто имаше за цел да го модернизира образовниот систем, да ги поврзе ученици поблиску со заедниците во коишто живеаат, да развие емпатија и разбирање кон луѓето со различни идентитети, да ги поттикне да развијат важни односи со планетата земја и климатската криза, да го демистифицира концептот на активно граѓанство и учество во сопствената заедница, да обезбеди допир на различни генерации (ученици и пензионери), да ги приближи различните етнички малцинства во оваа држава, но, можеби, најважно од сѐ, улогата на оваа програма беше да им ја зголеми врската на младите со сопствената држава за да не ја чувстуваат како страна, отуѓена земја од којашто гледаат што побргу да заминат, наместо да инвестираат во нејзината трансформација.