Здружението за едукативен развој Еквалис отвора повик за приклучување на базата на експерт(к)и коишто ќе бидат на располагање за идна соработка со организацијата. Во оваа фаза ќе биде креирана базата на експерт(к)и со коишто Еквалис соработува што ќе значи пристап до експертски ангажмани со нашата организација во согласност со нашите проектни потреби и зацртани програмски цели. Се охрабруваат сите заинтересирани кандидат(к)и, вклучително и оние со коишто веќе соработуваме да ги испратат своите апликации за вклучување кон базата.
Напоменуваме дека овој процес не подразбира склучување на договор за ангажман со апликантите, туку дека тие ќе добијат предност пред други апликанти или пристап до повици за ангажмани коишто не се јавни.
1.За Еквалис
Здружението за едукативен развој Еквалис е невладина организација основана во 2017-та година што работи на територијата на целата држава, регионално и на Европско ниво. Темите во коишто работи Еквалис се делат во 3 стратешки области: активно граѓанство, родова/ЛГБТИ+ еднаквост и медиумска писменост. Во особен фокус на организацијата се младите, припадници на маргинализирани заедници (како што се ЛГБТИ+ луѓето), активни граѓани во поширока смисла: волонтери, активисти за одредена кауза, социјално ангажирани уметници, неформални групи на граѓани, независни претставници на граѓаните во институциите. Нашата работа вклучува и работа со младински работници, врснички едукатори, едукатори што работат во неконвенционални простори за учење и со неконвенционални методи, социјални работници и психолози.
2.Потребни профили за базата на експерт(к)и
За потребите на нашата база ги бараме следните профили на експерти коишто може да спроведуваат активности во соработка со Еквалис:
Кластер 1:Обучувач(к)и, тренер(к)и и предавач(к)и
- Кластер 1.1: Предавач(к)и и ескперт(к)и на теми поврзани со демократско учество, граѓански активизам, одбрана и заштита на јавниот простор, одговор кон стеснувањето на простори за негување автономна и критичка мисла, избирачки права, употреба на уметноста како социјално ангажирана практика, стратегии и пристапи за колективна ненасилна акција, акции за подигнување на јавната свест и мобилизација на граѓани
- Кластер 1.2: Тренер(к)и и предавач(к)и на теми поврзани со ЛГБТИ+ правата со особен фокус на градење безбедни простори за ЛГБТИ+ млади, градење пошироки коалиции, оснажување на ЛГБТИ+ заедницата за поголемо социјално и политичко учество, сензибилирање на општеството и градење на наративи на прифаќање, одговор кон анти-родови движења. Напомена: апликантите за овие позиции потребно е да бидат дел од ЛГБТИ+ заедницата.
- Кластер 1.3: Предавач(к)и и експерт(к)и на теми поврзани со родовата еднаквост, феминизам, феминистички активизам, родово базирано насилство, интерсекционалност и други тесно поврзани теми со предложените.
- Кластер 1.4: Постари и помлади тренери коишто имаат претходно искуство во работа со методите на неформално образование во образовни програми, тренинзи и младински размени спроведувани во рамки на програмите на програмата Еразмус + или Советот на Европа
Кластер 2: Автор(к)и на публикации, анализи, истражувања
- Кластер 2.1: Истражувачк(к)и и автор(к)и на публикации, анализи и истражување во трите стратешки области на работа на организацијата: активно граѓанство, родова и ЛГБТИ+ еднаквост и медиумска писменост
- Кластер 2.2: Подготовка на застапувачки документи и експертски придонеси за процеси на застапување
Кластер 3: Фасилитатор(к)и на стратешки процеси
- Кластер 3.1: Експерт(к)и за фасилитирање на стратешки процеси за организацијата: изработка на организациска развојна стратегија за 5 годишно работење
- Кластер 3.2: Експерт(к)и за развој на капацитети на вработените во организацијата и по потреба партнерски организации во полето на стратегиски комуникации, градење на коалиции и сојузништва, комуницирање со медиуми, паметно комуницирање со целни публики (особено со млади и припадници на маргинализирани заедници)
- Кластер 3.3: Експерт(к)и за поддршка на организацијата во пребродување на кризи како последица на организациската работа: безбедносни ризици, говор на омраза, закани по живот, ширење на дезинформации коишто директно влијаат на благосостојбата на тимот на организацијата и нејзините корисници
3.Принципи за соработка меѓу Еквалис и надворешно ангажирани ескперти:
- Еквалис е организација што се залага за општество базирано на еднаквост. Во таа насока, нашата вредносна рамка за воспоставување соработка со експертите со коишто соработуваме е следна: општество без хомофобија, бифобија и трансфробија, секакво отсуство на нетрпеливост и подривање на етнички базирани тензии (особено албанофобија и исклучување на ромската заедница), елиминирање на секаков вид сексистички говор или женомразење,
- Нашите надворешни работници не треба да се членови на ниту една политичка партија. Во одредени случаи кога организацијата работи на активности поврзани со избирачките процеси, експертите потпишуваат и пишана изјава за тоа дека не се членови во политичка партија.
- Едукативните активности што ги организира Еквалис се базираат на принципите на учење преку размена, неформално учење и искуствено учење. Иако вие ја имате централната улога на пренесувачи на знаење, ние учењето го разбираме како процес во којшто отсуствува хиерархија, каде што знаењето се формира заеднички со групите со коишто работиме.
- Во повеќето случаи, Еквалис ќе сака да ја искомуницира активноста/тите што ги спроведувата со јавноста, најчесто на нашите социјални мрежи или со нашите донатори. Тоа може да значи дека ќе се појавувате на фотографии, ќе бидат земени ваши пишани изјави или видео изјави (зависно од големината на ангажманот). Траснпаретноста е еден од главните принципи на нашата работа. Ова правило единствено не важи за одредени активности коишто имаат исклучок за објавување во јавноста и коишто подразбираат работа со маргинализирани заедници.
- Еквалис очекува навремено и принципиелно извршување на обврските во сите предвидени ангажмани. Тоа подразбира придржување до предвидените рокови во координација со програмскиот тим. Имајќи во предвид дека нашата организација има мал програмски тим од исклучителна важност е да имаме отворен и искрен однос со нашите надворешни експерти. Свесни сме и ги разбираме промените што може да настанат низ еден процес на соработка, но навременото известување е клучно за да може подобро да ја организираме нашата работа.
4.Начин на аплицирање
За да аплицирате и да влезете во нашата база на членови треба да ги испратите следни документи:
1.Професионална биографија (CV) -најмногу 5 страни со релевантни ангажмани за позицијата/позициите за коишто аплицирате
2.Мотивациско писмо во кошето наведувате зошто сакате да сте дел од нашиот тим на надворешни експерти
Документите за аплицирање треба да ги испратите на мејл адресата info@ekvalis.org.mk најдоцна до 31.10.2024. Возможно е и испраќање на апликации по завршувањето на рокот.
Важно: во предметот на мејлот потребно е да наведете за кој кластер/и и поткластер/и аплицирате. Само на овој начин ќе може да знаеме кои интерни повици да ги упатуваме кон вас. Секој експерт може да аплицира за еден или повеќе кластери и поткластери. Во описот на мејлот потребно точно да наведете за кои позиции аплицирате. Пример на наслов на мејлот: „Апликација за база на надворешни експерти- Кластер 1.4, 2.2 и 3.2“
5.Формирање на базата
Очекувано е првата структура на базата на надворешни експерт(к)и да ја формираме до почетокот на декември за што ќе добиете официјално известување дека сте во нашата база. Само избраните кандидат(к)и ќе бидат контактирани.
----
Формирањето на базата на надворешни експерт(к)и на Еквалис е поддржано преку оперативен грант на регионалниот проект СМАРТ Балкан - Граѓанското општество за поврзан Западен Балкан, кој го спроведуваат Centar za promociju civilnog društva (CPCD) од Босна и Херцеговина, Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) од Северна Македонија и Институтот за демократија и Медијација (ИДМ) од Албанија, а финансиски е поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.