Еквалис отвора повик за учесниц(чк)и на Летна школа „Дијалог, сојузништво, акција“ наменета за ЛГБТИ+ млади, како и стрејт и цис-родови млади кои се гледаат себеси како сојузниц(чк)*и на ЛГБТИ+ заедницата. Летната школа ќе се одржи во Кратово од 04 до 09 јули и е отворена за млади од 16 до 30 години од територијата на целата држава.
Напомена: малолетните учесниц(чк)и потребно е да имаат потпишана дозвола од родител/старател за учество на школата.
Оваа Летна школа е исчекор кон градење простор кој е базиран на разбирање на реалностите на ЛГБТИ+ младите, отворање на теми кои се сметаат за контроверзни во формалните образовни контексти, демистифицирање на невистини поврзани со ЛГБТИ+ младите, отворено споделување и можност да се биде ранлив/а преку поддршка и под супервизија на психотерапевт, како и потенцијалот таа ранливост да ја искористиме за нешто што нè спојува, наместо да нè разединува.
Програмата е целосно базирана на методите на неформално образование, при што учењето е преку интерактивни вежби, симулации, вежби за интроспекција, но и поширока анализа на хомофобичните и трансфобични општествени појави, како тие влијаат врз животите на младите квир луѓе и како истите може да ги менуваме. Оваа школа е фокусирана и на поврзување со телото како медиум од којшто квир луѓето, но и младите, често пати, се оддалечени поради својата маргиналност, фокусот е ставен и на мисловните процеси и на менталното здравје коишто потенцијално може да отворат и трауми, но низ коишто со професионална поддршка ќе бидат соодветно насочени.
Оваа школа претставува простор за градење на сојузништво. ЛГБТИ+ младите луѓе имаат потреба од сојузниц(чк)и. Оние млади кои се стрејт и цис-родови треба активно да застанат покрај своите врсниц(чк)и и да бидат нивни сојузниц(чк)и, наместо агресори. Целта на оваа школа е да создаде мрежа на квир млади и стрејт, цис-родови млади кои понатаму ќе дејствуваат како важни двигател(к)и на промената на општествените ставови за прифаќање на ЛГБТИ+ заедницата во нашата држава. Како резултат на школата, учесниц(чк)ите ќе треба да произлезат со две јавни акции за подигнување на јавната свест за прифаќањето на ЛГБТИ+ луѓето.
Почетната точка на оваа летна школа е меѓусебната почит и разбирањето на ЛГБТИ+ идентитетите и ЛГБТИ+ младите - група која мора да биде третирана како еднаква со сите други млади луѓе во општеството. Оваа школа не претставува простор за дебатирање за тоа дали ЛГБТИ+ младите треба да имаат права или не, бидејќи тоа не претставување прашање кое е отворено за дебата. Наместо тоа, оваа школа е покана за дискусија за тоа како заеднички да создаваме заедница во кој секој млад човек може да биде автентичен(а) и свој(а).
Локацијата на оваа летна школа е малото гратче Кратово. Оваа локација, низ искуството на Еквалис се покажа како најсоодветно место кое ни нуди доволно простор, фокус и време да бидеме заедно на едно место, заеднички да го создаваме, преиспитуваме и унапредуваме нашиот (по)безбеден простор, да сме во контакт со природата и во една недела да изградиме цврста заедница и врски коишто за некои од нас ќе траат и цел живот.
Во текот на летната школа ќе ги практикуваме правилата на почитување на приватноста на личните податоци на учесниц(чк)ите. Само оние учесниц(чк)и кои ќе дадат јасна согласност да се појават јавно на промотивните визуелни материјали од летната школа и од овој проект, ќе бидат вклучени во истите.. Ќе се потрудиме, дури и во моменти кога фотографираме, нашиот фокус да биде заштитата на идентитетите и личната безбедност.
Сите трошоци поврзани со хотелско сместување, храна, кафе паузи, работни материјали и патни трошоци ги покрива организаторот. Учеството на оваа летна школа е целосно бесплатно.
Сите заинтересирани млади треба да аплицираат на следниот линк: https://forms.gle/w1towdNU6DjpaePj8
Крајниот рок за аплицирање е до 20 јуни до 15:00 часот.
Тренерскиот тим на оваа летна школа се Марта Чадиковска – едукаторка и ЛГБТИ+ активистка и Иван Христов – психолог-психотерапевт. Дополнително, програмата вклучува и работилница за танц, движење и заземање простор, со професионална кореографка и професорка по танц од САД. Програмскиот тим од Еквалис во поддршка на летната школа се Ангел Димитриевски, Елена Данова и Надица Банишка.
Оваа летна школа се одржува во рамки на проектот „Пристап до правда и човекови права“, поддржан од USAID North Macedonia, имплементиран од Коалиција МАРГИНИ, а во партнерство со ХЕРА, Хелсиншки комитет за човекови права и Здружение за едукативен развој – Еквалис.