Во изминатите пет години во Битола се појави проблем со превозот за ученици. Општината не успеваше на време да ги реализира тендерите за избор на превозници. Тендерите се распишуваа на почетокот на учебната година, иако до тогаш веќе требаше да има одбрано превозници.
Влијанието на финансиските проблеми кај средношколците и нивните родители
Поради ова постојано се јавуваше финансиски проблем кај учениците во текот на првото полугодие, каде што беа приморани да плаќаат превоз неколку месеци, се додека не се одбере превозник. Ова беше доста голем проблем за учениците кои живеат надвор од Битола и немаат друг автобус освен тој за ученици, што во тој период го немаа, па мораа да патуваат со такси. Некои ученици беа приморани да плаќаат и до 800 денари на ден, што претставува голем трошок за сите ученици и родители.
„Мислам дека воопшто не беше во ред ова што им го правеа на децата, а и на нас родителите. Како родител на две деца и вработен со минимална плата, едвај сврзував крај со крај за да успеам да обезбедам храна, работи за училиште и џепарлак. Згора на тоа сега треба да одвојам по 600, некогаш и повеќе денари дневно за моето дете да може да посетува настава на која јас не сум во можност да го однесам”, изјави еден од засегнатите родители.
Овој проблем исто така засегна и ученици кои сами се финансираат поради финансиски проблеми со кои нивните родители се соочуваат секојдневно. Поранешен ученик од средното училиште „Таки Даскало” работел за може да ги покрие сите трошоци за своето образование.
„Ова влијаеше прилично многу на моите финансии, бидејќи тогаш работев и се финансирав сам, плус живеев доста далеку од училиштето и бев приморан секојдневно да плаќам за да стигнам до таму и назад. Обично патував со такси, бидејќи немав друга опција. Не е наша вина што превозот не беше обезбеден од лицата задолжени за истиот и не е во ред целиот товар за тоа да паѓа на наш грб,“ вели тој.
На учениците секоја година им беше ветувано дека парите ќе им бидат рефундирани на крајот на учебната година ако ги чуваат фискалните сметки од превозот, но тоа не секогаш беше реализирано.
„Иако ветија дека редовно ќе ни ги враќаат парите, испадна дека тоа е уште една во низата лаги што ни ги кажаа. Некои години парите ни беа вратени, иако беа вратени многу доцна, а имаше и години кога никакви пари не видовме. За некои родители како мене ова е проблем, бидејќи тие пари би биле од огромна помош, а се пари кои ние не би имало потреба да ги трошиме за вакви работи воопшто ако живеевме во општина која се грижи за своите граѓани,“ истакна друг родител.
Општина Битола: Рефундирани се сите средства
Голем број на ученици коишто финансиски не можат да си дозволат превоз, минатите години протестираа со тоа што престанаа да одат на училиште. Во 2017 ученици од Демир Хисар, Ресен, Могила и Прилеп беа повикани на состанок во општината, каде тогашниот градоначалник Талевски вети дека парите ќе им бидат вратени во најбрз рок. Училишната година заврши, но средствата не беа рефундирани. Во 2018 учениците продолжија со протестите, но од општината не добија никаков одговор. Учениците во првото полугодие испратија неколку жалби до општината, но општината не реагираше на ниедна од нив.
Во првите години се случуваа протести не само од страна на учениците, туку и од автобуските превозници.
“Цените што се предложени од страна на советот се економски неисплатливи и по тие цени ние немаме намера да возиме,“истакнаа превозниците на протестот за Нова Македонија.
Од друга страна, општината изјави дека сите финансии беа рефундирани и тврди дека овој проблем нема да се појави повторно во наредната учебна година.
„Не е точно дека на учениците не им се рефундирани средствата. Општина Битола ги има рефундирано сите средства кои ги имат побарано училиштата кои врз основа на доставената документација, ги рефундираат кон учениците. Постапката за јавна набавка за превоз на ученици во новата учебна година е во тек, така што истиот ќе биде обезбеден во предвидениот рок”, тврдат од општината.
Ова е сериозен проблем кој зафати прилично голем број на граѓани на Битола. Проблем кој трае со години, а Општината не смогна сили навремено да го реши. Притоа, дел од родителите велат дека не добивиле рефундација на парите кои секојдневно непотребно ги даваа на своите деца за превоз, бидејки општината не беше во можност да го обезбеди истиот, иако е нејзина должност.
Инаку, поранешниот битолски градоначалник Владимир Талевски е осуден за преневера од 360.000 евра во предметот “Транспортер“ за преплатен организан превоз за ученици. Врховниот суд донесе пресуда од осум години затвор за Талевски, од кои тој веќе три години ги помина во домашен притвор. Апелација му овозможи неговата казна да се намали на седум години, со тоа што тој останатите четири години ќе ги отслужи во КПУ „Прилеп“. Предметот беше отворен од страна на Специјалното јавно обвинителство.
Овој текст е напишан од младинскиот активист Андреј Чагорски и е изработен во рамки на младинската програма за онлајн актвизизам имплементирана од Здружението за едукативен развој Еквалис во партнерство со Фокус, а поддржана од Националниот фонд за демократија, Европската младинска фондација и Советот на Европа.