Менталното здравје на младите е аспект кој задолжително треба да се земе предвид во младинската работа. Првенствено, ова се должи на речиси универзалните карактеристики на периодот на транзиција во зрелоста, со сите негови развојни задачи и предизвици, општествени притисоци, академски и кариерни барања. Второ, се препознава високата преваленца на проблеми со менталното здравје кои ги доживуваат младите луѓе, како и нивната неодлучност да побараат стручна помош (Светска здравствена организација (СЗО), 2021 година).
Секој млад човек треба да поседува одреден сет на вештини за да ги надмине предизвиците на транзицијата. За оние со помалку можности, како што се младите во ризик, психолошките и социјалните предизвици се поголеми и посложени. Нивните рани процеси на учење честопати биле попречувани од несакани настани во текот на растењето, па овие значајни вештини не развиле доволно. Искуството од работа со млади луѓе во различни видови младински програми покажува дека недостатокот на овие вештини кај младите, како и неуспех да се препознае нивната важност во младинската работа, го отежнува, па дури и целосно го спречува постигнувањето на целите на овие програми. Младите луѓе, особено оние кои се изложени на ризик, се соочуваат со многу бариери за пристап до професионални услуги. Се покажа дека поголема е веројатноста дека младите ќе се свртат кон сигурни неформални мрежи за поддршка и дека младите од сите земји повеќе ја ценат поддршката од своето семејство, врсниците и заедницата. Во исто време, повеќето институции и организации кои работат со млади луѓе немаат доволно ресурси и услови да обезбедат континуирана психолошка поддршка на младите луѓе кои се изложени на ризик. Токму затоа е важно да се дизајнира одржлива и лесна за примена програма која ќе може да ја спроведуваат непрофесионалци, врснички едукатори или вработени во институции и организации, што ќе овозможи континуирана работа со оваа група млади луѓе.
Младинските работници, кои работат директно со млади луѓе и често се во контакт со оние кои се најмногу изложени на ризик, би можеле да бидат особено ефикасни даватели на поддршка за менталното здравје кај младите. Доколку им се обезбеди соодветно знаење, методологија и сет на вештини, тие би можеле успешно да одговорат на потребите на младите. Ова би го олеснило создавањето на поддржувачка средина за квалитетна работа со младите, осигурувајќи се дека секоја програмска цел станува поостварлива.
Оваа публикација е подготвена со поддршка на Европската Унија (ЕУ). Нејзината содржина е единствена одговорност на авторите и не нужно ги одразува ставовите на ЕУ. Прирачникот е создаден во рамките на проектот „Мајндспејс: Ментално здравје во младинската работа“ координиран од граѓанското здружение Инпроцес (Србија), со поддршка поддршка на партнерите на проектот: Еквалис (Северна Македонија), Ротер Баум (Германија), Центар Звезда (Србија) и Мој
Круг (Србија).