26.01.2024 11:00-15:30 | JАВНА СОБА | СКОПЈЕ
Конференцијата за активно граѓанство „КритикУМ“ претставува простор којшто ги обединува граѓанските активист(к)и, младите, луѓето коишто се загрижени за состојбите во државата, независните уметници, едукатор(к)и, но и воопшто граѓаните што имаат некаков порив за промена. Како што и кажува самото име, оваа конференција ги собира на едно место сите оние коишто имаат критички ум, коишто тежнеат и ја негуваат критичката мисла, пркосењето, промислувањето и заедничарењето. Учејќи едни од други, предавајќи ги нашите активистички стратегии меѓу генерации, разменувајќи тактити меѓу различни активистички движења, запознавањето со нови концепти во граѓанското дејствување, но и воопшто вмрежување на критичната маса во нашето општество се важни исчекори кон спротиставување на репресивните сили коишто не ни овозможуваат да растеме и се развиваме со сиот свој потенцијал- и индивидуално и колективно.
Првото издание на конференцијата „КритикУМ“ ќе го отвориме со перформансот „Ритамот на нашиот отпор“. Овој перформанс претставува комбинација на музика, танц и социјално ангажиран текст. Триото составено од Бисера Ѓуровска, Никола Игновски и Ива Георгива ќе донесе неколку позначајни протестни говори од поновата историја во нашата држава низ движење, танц и читање на протестни говори. Преку овој перформанс сакаме да го прикажеме телото на граѓаните и граѓанките коешто има поминато низ комплексни политички и социјални промени, тела во криза, транзиција, глад, сиромаштија, угненост, но и тела коишто се спојуваат, чекорат, извиквуаат, се будат и менуваат како дел од овие значајни граѓански движења. На перформансот ќе бидат изведувани говори од активистките Елена Данова, Евгенија Јанакиеска и Џејлан Велиу.
Првиот тематски панел „Менување на локалните заедници преку грасрут активизам“ ќе отвори дискусија за вклученоста на локалните граѓански активистки во менувањето на своите заедници преку заедничарење, солидарност, вмрежување и меѓусебна поддршка. Преку овој панел ќе разговараме за активизмот како процес којшто флуктира, којшто не е стабилен, којшто носи и успеси, но и разочарувања и за тоа како нашите говорници и покрај сите пресретнувања со предизвици од различна природа успеваат да останат истрајни во својот активизам.
Вториот панел „ Ослободување на заробеното: Како граѓаните да си ги вратат јавните простори?“ ќе ги истражи начините на коишто активисти и граѓани дејствуваат кон ослободување на јавниот простор и давање на некаква друга, похумана и граѓанска димензија на простори коишто треба да им припаѓаат на граѓаните. Панелот првично ќе даде увид во различните практики на заробување на јавниот простор како што се зголемените, неконтролирани и инвазивни практики на урбанизација коишто не само што ги пренаселуваат градовите, туку и ги узурпираат јавните простори коишто им припаѓаат на граѓаните. Од друга страна, ќе погледнеме и во репрсесивните, политички притисоци кон простори коишто негуваат критичка мисла кај младите преку примерите за намалување на буџетот на Младинскиот културен центар во Скопје и обидот за окупација на просторот на Социјалениот културен простор во Тетово. Преку овој панел сакаме да ги прикажеме механзимите, стратегиите и пристапите коишто различните граѓански иницијативи за ослободување на јавниот простор ги имаат користено вклучувајќи: учество на граѓаните во јавни расправи за деталните урбанистички планови- ДУП, поднесување на анкетни ливчиња, петиции, герила акции, како и организирање на настани за интергенерациска размена на самите јавни простори и поттикнување на критичко промислување кај граѓаните.
На конференцијата ќе биде промовиран и прирачникот за активно граѓанство што го издава Здружението за едукативен развој Еквалис. Авторка на прирачникот е м-р Сара Миленковска. Прирачникот за активно граѓанство го креиравме со цел да им помогне на идните граѓански и младински активисти и активистки во опремување со вештини и промислување на пристапите кон дејствување за општествено горливите проблеми. Прирачникот одговора на предизивиците поврзани со напади врз демократијата и кон прашања за корупцијата, климатската криза, прекршувањето на човековите права, ученичките, студентски и работнички права, слободата на изразување и слободата на здружување. На конференцијата ќе бидат достапни печатени верзии од прирачникот на македонски и албански јазик.
Регистрацијата за конференцијата е отворена преку следниот линк
АГЕНДА
10:45-11:00 | Регистрација на учесници/чки |
11:00-11:15 | Отворање на конференцијата |
11:15- 11:30 | Презентација на прирачникот за активно граѓанство |
11:30- 12:00 | Перформанс „Ритамот на нашиот отпор“ Танцов перформанс на Никола Игновски и Ива Георгиева со протестни говори од Елена Данова, Џејлан Велиу и Евгенија Јанакиеска, во изведба на Бисера Ѓуровска |
12:00-13:00 | Панел 1 „Менување на локалните заедници преку грасрут активизам“ Говорници/чки: ● Сара Миленковска- граѓанска иницијатива „Сподели Авторка“ ● Алмира Фасљии Муарем- граѓанска активистка за правата на Ромите ● Бојан Станиќ- Битолска културна иницијатива „Пондер“/ Дебатно кино „Контра Кадар“ ● Андреј Чагoрски- Младинска иницијатива на Еквалис „Бесплатен оброк за секој ученик“ Модератор: Ангел Димитриевски, Здружение за едукативен развој Еквалис |
13:00-13:30 | Кафе пауза |
13:30- 14:30 | Панел 2 „Ослободување на заробеното: Како граѓаните да си ги вратат јавните простори“ Говорници/чки: ● Галена Јовановска- младинска активистка, неформално движење „Сите за МКЦ“ ● Зорица Здравковиќ- претставничка на Социо културен простор Тетово, Social Cultural Space Tetova ● Јована Стефановска- Граѓанска иницијатива „Борба за Влае“ ● Александар Шалевиќ- програма за креативни активистички интервенции на Еквалис Модераторка: Надица Банишка, Здружение за едукативен развој Еквалис |
14:30-15:30 | Ручек и вмрежување |
Конференцијата ја организира Здружението за едукативен разовј Еквалис, а е
поддржана од Националниот фонд за демократија (NED).