Здружение за едукативен развој Еквалис во соработка со Младински Центар Охрид отвора повик за учесниц(чк)и на дводневна работилница за пишување на активистичка поезија. Програмата која вклучува две работилници и еден јавен настан има за цел да ја истражи поезијата како алатка за активизам и да им даде на младите простор да се испробаат себе си како поет(ес)и и преку тоа да адресираат некој проблем кој ги засега нив како млади или целото општество пошироко.
Кој треба да се пријави?
На оваа работилница можат да учествуваат сите оние кои љубат да се изразуваат преку пишаниот стих и за кои пишувањето поезија е поголем предизвик од пренесување чувства на лист. Со оваа програма учесниците ќе можат истовремено да го истражуваат комплексниот, но и взаемен свет на креативниот писател и неговата општествена и политичка ангажираност.
Што ќе правиме?
Преку програмата учесниците ќе имаат можност да научат нешто повеќе за активистичката поезија, нејзината значајност и застапеност во светот и во Северна Македонија. На учесниците оваа форма на поезија ќе им биде доловена преку домашни и странски примери и истовремено ќе бидат изучувани техники како да се пишува социјално и политичко ангажирана поезија. Со самото тоа ќе се поттикне прашањето колку уметникот односно поетот и неговиот пишан збор можат да бидат активистичка алатка и дали имаат моќ да направат некаква позитивна промена во државата и во начинот на размислување на луѓето во истата.
Откако учесниците ќе се запознаат со креативниот и теоретскиот процес за пишување активистичка поезија, ќе имаат можност самите да пишуваат ваков тип поезија на теми кои се за нив релевантни, но исто така носат позитивна, силна порака и би послужиле за подигање на свеста кај граѓаните за проблемите со кои се соочуваме во нашето општество. По завршувањето на работилницата, учесниците ќе имаат можност да ги читаат нивните песни на јавен поетски настан во Шила, Охрид, во склоп на настанот „Имам нешто да ти кажам”.
Што е активистичка поезија?
Активистичка поезија (често се среќава и како социјално и политичко ангажирана поезија) е поетска форма чијашто цел е да ги нагласи социјалните и политичките проблеми. Оваа поезија ги опфаќа неправдата, нееднаквоста и дискриминацијата во едно општество и во светот. Главната цел на активистичката поезија е да пробуди некаква свест и критичко размислување кај луѓето, а воедно и да поттикне позитивно чувство за промена и отпор преку користење поетски јазик и емоција.
Работилниците ќе бидат водени од страна на Дамјана Видическа.
Распоред на работилници:
Напомента: Секоја од работилниците ќе трае околу четири часа.
14.03.2024, 12:00 - 16:00 - Вовед во активистичка поезија (во просториите на Младински центар Охрид)
21.03.2024, 10:00 - 14:00 - Креативен процес на пишување активистички поеми (во просториите на Младински центар Охрид):
19:30 - Поетско читање во Шила, Охрид, во склоп на настанот „Имам нешто да ти кажам”
Сите заинтересирани учесници треба да ја пополнат апликацијата на овој линк најдоцна до 10-ти март до 17:00ч.
За какви било дополнителни прашања за работилниците, контактирајте нè на info@ekvalis.org.mk.
Поради ограничениот број на учесници, предност ќе имаат оние кои се први пријавени.
Програмата „Пишување активистичка поезија“ е дел од проектот „Промоција на младински активизам и граѓанско учество“ спроведуван од Здружението за едукативен развој - Еквалис, а финансиски поддржан од Националниот фонд за демократија (NED).