Локација: Зрновци
Здружение за едукативен развој Еквалис отвара повик за учесниц(чк)и на дводневна работилница за користење на уметноста како алатка во активизмот. Овие работилници имаат за цел да понудат простор за изучување на креативните пристапи во процесот на вклучување на младите во локалната заедница, со фокус на безбедноста во сообраќајот. Учесниците ќе развијат знаење, вештини и ставови со кои ќе можат посамоуверено да делуваат врз промените во својата локална заедница, на креативен и впечатлив начин. Во рамките на овие работилници, учесниц(чк)ите заеднички, со поддршка на фасилитатор(к)ите ќе осмислат и изработат мурал со порака која ќе поттикнува на безбедно однесување во сообраќајот.
Кој треба да се пријави?
На оваа работилница можат да учествуваат сите оние кои веруваат дека со здружени сили можат да придонесат кон хуманизирање на јавниот простор и создавање поотворени и посолидарни локални средини. Охрабрени се да се пријават и сите љубители на креативноста и техниката на изработка на мурали во јавен простор, како и сите оние кои сакаат да ја разберат подобро својата граѓанска улога во малите локални заедници.
Што ќе правиме?
Првата работилница ќе биде посветена на теоретско истражување на концептот на активно граѓанство. Дополнителен фокус ќе биде посветен на разбирање на јавниот простор, како и безбедноста во истиот. Учесниците ќе разгледуваат и различни пристапи на охрабрување на граѓан(к)ите поактивно да се вклучат во унапредување на квалитетот на јавните простори. Низ работилницата, ќе бидат презентирани и успешни примери на мобилизација во акции во служба на заедницата и општото добро.
Втората работилница ќе се фокусира на изучување на неколку различни ликовни техники, како и успешни примери за нивно користење во служба на заедницата. Учесниц(чк)ите ќе се запознаат со уметноста од една друга страна - уметноста како алатка во служба на заедницата. Фокусот ќе биде ставен на користење на акрилните бои при изработка на мурал на јавни простори.
Учесниц(чк)ите заеднички, а со поддршка на фасилитатор(к)ите ќе осмислат и изработат мурал со порака која ќе поттикнува на безбедно однесување во сообраќајот.
Распоред на работилниците:
06.04.2024 (сабота), 11:00 - 15:00ч - Воведна работилница за активно граѓанство во насока на унапредување на функцијата на јавниот простор
10.04.2024 (среда), 12:00 - 16:00ч - Креативен процес за дизајнирање и изработка на мурал
16:00ч - Јавен настан - Официјално отварање на муралот
Работилниците ќе ги водат Викторија Тасева, дипл. правничка и активистка, и Марио Дејанов, дипл. ликовен уметник.
Сите заинтересирани треба да ја пополнат апликацијата на следниот линк, најдоцна до 31 март, 23:59ч.
За дополнителни прашања, контактирајте нè на info@ekvalis.org.mk.
Поради ограничениот број на учесници, предност ќе имаат оние кои се први пријавени.
Програмата „Креативни активистички интервенции“ е дел од проектот „Промоција на младински активизам и граѓанско учество“ спроведуван од Здружението за едукативен развој - Еквалис, а финансиски поддржан од Националниот фонд за демократија (NED).