Ekvalis
17.1.2023
Настани
Скопскиот Викенд на гордоста ќе се одвива за време на два викенди во месец јуни: 7-9 јуни и 14-16 јуни. Целта на серијата настани во рамки на Викендот на гордоста е да креираат простор за, и да промовираат, ненормативни форми на светоградење, односно релации, афекти, идентитетски позиции, телесни стилови и сензибилитети кои во рамки на хетеронормативното, националистичко и неолиберално капиталистичко опкружување се означени како настрани, изопачени, неуспешни, патолошки, чудни итн.
Како и изминатите години, така и ова седмо по ред издание на фестивалот ќе биде домаќин на големи и значајни имиња од светски рамки, чија уметност (театарската, перформативната и музичката) го поддржува тематскиот фокус на креирање отпор преку градење релации на квир телата. Имињата кои годинава ќе гостуваат сѐ уште не се официјално најавени, но може да ви откриеме дека станува збор за уметници кои ги дефинираат темелите на современата квир уметност и уметници кои во изминативе години се препознаени како иднината на квир перформансот. Официјалнта програма ќе биде најавена многу наскоро. За вас ексклузивно може да откриеме дека фестивалот ќе го отвори легендарниот Ron Athey.
Минатите изданија на фестивалот со посетеност од над 600 гости во само една фестивалска вечер го поставија на мапата на најпрепознатливи културно-уметнички настани во регионот, со што е препознаен како безбедно место за светоградење и идентитетски позиции на македонската квир заедница и вљубениците во современата уметност. Така и оваа година, скопскиот Викенд на гордоста ќе биде отворен за целата јавност и со задоволство ќе им понуди провокативна богата програма на сите оние кои се означени како настрани во рамките на хетеронормативното, националистичко и неолиберално капиталистичко опкружување.