Овој текст беше прочитан како проглас од активистката Надица Банишка на Осмомартовскиот марш што се одржа во Скопје, под слоганот „Ќе преживеат ли жените овде?“
Да се биде жена во Македонија значи да се будиш секое утро во страв и да се прашуваш како и дали ќе го преживееш тој ден.
Да се биде жена во Македонија значи да се прашуваш дали ќе има место во градинка за да го оставиш своето дете, дали ќе стигнеш до работното место со нередовниот јавен превоз, и дали притоа интимниот простор ќе ти го нарушат машки ликови што те допираат по задник, правдајќи се дека е многу гужва, дали ќе те отпуштат од работа бидејќи си бремена, дали на интервјуто за работа ќе треба да одговораш прашања за брачната состојба, дали ќе ја добиеш работата бидејќи имаш мало дете, дали ќе излезеш на крај со приходите со кои едвај се купува храна и се плаќаат сметки, дали ќе те отпуштат ако станеш дел од синдикат за да бараш подобри услови или ако пријавиш сексуално вознемирување на работно место. Да се биде жена значи да прифаќаш краткотрајнa работа (работа на црно, „под маса“), без ресурси за стабилна кариера, без социјална заштита и регулација.
Да се биде девојка во Македонија значи да се прашуваш дали ќе го преживееш ова возење со такси без таксистот да те вознемирува, дали ќе добиваш секакви коментари, пораки и закани на социјалните мрежи, дали твои фотографии ќе бидат користени како порнографија, дали ќе имаш пристап до гинеколог и бесплатно ПАП тестирање, дали ќе ја преживееш следната рутинска лекарска интервенција, дали ќе го преживееш пораѓањето…
Да се биде жена во Македонија значи да се прашуваш дали ќе го преживееш секојдневното насилство од партнерот кое веќе си пробала да го пријавиш, но институциите кои треба да те заштитат само направиле записник и не постапиле и не те заштитиле.
Да се биде жена во Македонија значи да се плашиш и постојано да се прашуваш „дали ќе преживеам?“.
Во 2023 година, жените и девојките во државата ги мачат прашања кои ја прикажуваат реалната слика со родовата нееднаквост во земјата, прашања кои прикажуваат колку никој не мисли на женската благосостојба, повеќеслојната и системската дискриминација, газењето на човековите права, насилството, сиромаштијата и општата апатичност да се признае јасно и гласно: жените во Македонија не се ниту еднакви, ниту слободни, ниту безбедни.
Во 2023 година жените се соочени со политики кои не ги препознаваат нивните потреби, со институции кои не ги заштитуваат и механизми кои се слепи кон потребите за унапредување на родовата еднаквост – колективна негрижа за тоа како и дали ќе преживеат жените овде.
Оставени сами на себе, жените се жртви на системот во кој колективната негрижа е носечки мотив. На жените и девојките им треба:
- Системска превенција и заштита од сексуалното вознемирување, насилството врз жените и семејното насилство;
- Спроведување на правда и одговорност за насилниците;
- Законска рамка која ќе ги заштити и ќе им овозможи на жените да работат без да треба да избираат меѓу семејството и работното место;
- Здравствен систем кој нема да е лотарија со 50/50 шанси за преживување;
- Медиуми кои осудуваат наместо да пропагираат насилство;
- Жени во политика кои не се само симболични во нивната вклученост;
- На жените им требаат осветлени и безбедни улици, редовен јавен превоз, чисти болници, пристап до сервиси/услуги и засолништа од насилство;
- Заедница која ќе ги прифати и заштити кога се жртви на насилство, а нема да ги отфрли и стигматизира;
- Пристап до образовни и професионални можности, кои раскрстиле со родовите стереотипи и традиционални закоравени улоги;
- Конечно, на жените им треба слобода, еднаквост, солидарност, емпатија, разбирање и систем на вредности на кој може да се потпрат и да бидат активни чинители во него!
8 Март е еднаш во годината. Денес, ова е нашиот крик против колективната негрижа. Но, ова се проблемите со кои жените живеат секој ден. Денес сме тука за заеднички да кажеме: Доста е!
Честит 8 Март!
* Галеријата на фотографии на Ванчо Џамбаски можете да ја погледнете тука.