На 11 февруари, сабота, во просториите на Јавна Соба во Скопје, Еквалис организараше панел дискусија со два тематски панели. Темата на првиот панел беше прославување на 5 годишнина од постоењето на Здружението за едукативен развој- Еквалис, додека пак вториот панел беше за лансирање и претставување пред јавноста новата Младинска мрежа за еднаквост на Еквалис.
На првиот роденденски панел неколку членови и блиски соработници на Еквалис зборуваа за своите искуства со организацијата изминативе 5 години. Своите приказни ги споделија Елена Данова - младинска работничка и едукаторка во Еквалис, Селмин Несимовски - долгогодишен волонтер во Еквалис и Џелјан Велиу - од Социјален центар Дуња, а нивниот разговор го модерираше програмскиот координатор на Еквалис - Ангел Димитриевски.
На почетокот на дискусијата, панелистите ја потенцираа улогата која Еквалис ја има одиграно во нивните животи, споделија лични искуства и драги моменти во организацијата. Потенцираа дека Еквалис е една од ретките организации која работи дирекно со младите од маргинализираните групи. Истакнаа и дека организацијата разбира дека не постои совршен свет, но токму затоа се стреми да ги детектира и мапира големите проблеми, и им овозможува и ги подржува младите во нивно решавање.
Роденденот Еквалис оваа година го славеше под мотото „5 години Еквалис - 5 години истрајност“. Панелистите се осврнаа на што оваа истрајност значи за нив, прво како индивидуи, а потоа и како членки на групи, заедници и секако општеството во кое сите живееме. Образложија зошто истрајноста е толку значаен концепт и се согласија дека токму поради истрајноста Еквалис се уште постои и се бори за правда веќе половина декада.
Првиот панел, панелистите го затворија со неколку желби и мотивациски зборови за иднината на Еквалис - да славиме и десетти и петнаесетти роденден, со повеќе луѓе и во поголеми сали, со што му посакаа на здружението да истрае и продолжи да се шири и во годините кои доаѓаат.
По кратка пауза, започна вториот панел наменет за лансирање на новата Младинска мрежа за еднаквост на Еквалис, чии панелисти беа Филип Ицовски, Јована Костенцова и Дони Гошевска - сите членови на Мрежата, а модераторка беше програмската асистентка во Еквалис - Надица Банишка. Младинската мрежа за еднаквост е формирана како дел од проектот „Младите обединети за еднаквост“ поддржан од Европската младинска фондација и Советот на Европа.
Панелот го започнаа зборувајќи за трите полиња на кои ќе работи мрежата - мултиетнички живот, родова еднаквост и ЛГБТИ еднаквоста. Потенцираа како во сите три полиња на дејствување има многу видливи и невидливи проблеми со кои се соочуваат младите. Тие споделија свои искустава кои биле и дел од причините поради кои се одлучиле да се ангажираат во Мрежата.
Потоа панелистите истакнаа дека Мрежата се состои од 17 млади лица од целата држава кои се хоризонтално организирани и функционираат како автономно тело во склоп на Еквалис. Потенцираа и дека Мрежата има за цел да се шири со текот на времето и дека други млади ќе имаат можност да се приклучат преку идни образовни настани. Мрежата ќе дејствува не само во Скопје и големите градови, туку во сите места од кадешто има членови. Причината за ова е бидејќи помалите места се обично и поконзервативни, и маргинализираните млади токму во овие места имаат поголема потреба од активизам. Мрежата моментално има членови од 10 различни населени места низ државата.
Вториот панел членовите на Мрежата го затворија со неколку пораки до јавноста, особено младите. Тие нагласија дека моќта за промени е токму кај младите, и ја потенцираа потребата да се биде гласен и истраен со цел да се постигнат посакуваните промени во општеството. Членовите на Мрежата ги охрабрија и другите млади, доколку се сведоци на неправди, да превземат нешто и да почнат да се борат за тоа во што веруваат.
Пишува: Денис Рајхл