Јас сум Кристина Божурска, уметница и едукаторка. Предавам ликовна уметност во интернационалното училиште QSI и по покана на Еквалис ќе бидам фасилитаторка на младинската програма за креативни активистички интервенции.
Зошто уметноста е важна и како таа може да ги придвижи важните општествени промени и да изгрди поздрави демократии?
Денешните глобални предизвици и политичките и социјалните неправди се сè покомплексни што поставуваат нови и непознати предизвици за визуелните уметници. Современите уметници кои ги поместуваат границите на уметноста и навлегувааат во активизам, социјална и општествена работа и други дисциплини директно интервенираат во заедницата и создаваат услови за преиспитување, простор за дискусија или предлог за промена.
Можеби уметноста ја нема политичката моќ да го смени општеството во целост, но секако дека има улога во хуманизирање на заедниците и креирање на здраво општество кое е отворено за критика, промислување и реобмислување.
Што ќе имаат шанса учесниците да научат за оваа програмата?
Ќе разгледуваме современи партиципативни и социјално ангажирани дела од неколку клучни современи уметници, ќе ги анзлизираме и ќе дискутирме за низата тактики и пристапи кои овие уметници ги користат во обликувањето на своите дела преку кои застапуваат некоја казуза или директно интервенираат во заедницата.
Верувам дека некои од овие совремни уметници на учесниците ќе им бидат навистина инспиративни и ќе ги поттикнат да размислуваат за уметноста не во традиционална смисла, туку како практика која е врзана со георафската специфичност и социјалната и политичка итност. Учесниците ќе го продлабочат разбирањето на визуелниот активизам, ефектот на сликите и влијанието на креативните процеси.
Како дел од програмата ќе започнеме и едно мини истражување кое учесниците може да продолжат да го развиваат и после завршувањето на работилниците.
Дали може накратко да објасниш зошто е важно собирањето на приказни и прераскажувањето од страна на младите како важен дел во градењето на наративи за општествени придонеси?
Споделувањето приказни ги поврзува луѓето и дава чувство на заедништво. Како дел од програмата ќе организираме јавни чајанки на кои ќе се дружиме и разговараме. Луѓето сакаат да споделуваат и да слушаат приказни. Преку приказните учиме. Преку приказните пренесуваме пораки. Преку споделувањето приказни сакаме да дознаеме повеќе за луѓето кои прават нешто корисно за заедницата без да очекуваат нешто за возврат. Споделувањето приказна може да биде и тивка, политичка акција. Но тие се живи, и лесно можат бидат променети, а со тоа и нивниот наратив. Затоа е битно каков наратив сакаме да изградиме со нашите приказни и што сакаме да постигнеме.
Преку чајанките и изработката на фанзини ќе се обидеме да изградиме наратив на заедништво, споделување, соработка и промена. А како најдобро да зборуваме за промена ако не преку примери од реалниот живот. Општествена промена е комплексен и апстрактен концепт, но да се обидеме да го разбереме преку примерите за мали и конктретни промени.
Што се фанзините и како активистите може да ги користат во својот Активизам?
Фанизините се мини, персонални магазини кои го следат „направи сам“ принципот, и можат да бидат буквално на секоја тема, без никакви ограничувања во однос на дизајнот. Знаејќи дека се популаризира во 70тите како гласник на панк културата, феминизмот и други движења кои не се атрактивни за мејнстрим културата, ни станува јасно како фанзинот може да биде значаен медум за ширење на информации.
Нивниот формат не е никако ограничен, може да бидат дигитални а може да бидат и рачно испишани, односно уникатноста на форматот зависи од креативноста на оној што го изработува. Фанзините можат да бидат умножени на обична копир машина и како ефтин и лесно достапен гласник да се искористат во ширење и промовирање на одредена идеја. На овие работилници ќе искористиме и неколку ликовни техники за кои не е потребно поседување на ликовни вештини, а даваат оригинални визуелни резултати. Со ваквите ликовни техники активистите ќе си ја збогатат својата „збирка“ на знаења и алтаки кои ќе можат подоцна да им помогнат во справувањето со идните предизвици.
Во рамките на програмата, учесниците ќе изработуваат фанзини на темата „Тивки херои“. Кои се тивките херои во нашето општество и што може младите да научат за активизмот преку пренесувањето на приказните и искуствата на овие тивки херои?
Сме слушнале за луѓе кои редовно го средуваат околното маалско паркче, кои ги фарбаат клупите и поправаат кога нешто е скршено, луѓе кои се грижат за напуштените животни, личности кои редовно подготвуваат и делат храна, личности кои не ги штедат своите вештини и време за да помогнат на некој друг. Учесниците ќе имаат за задача да ги интервјуираат овие „тивки херои“, и да ги промовираат нивните дела во своите фанзини. Сакаме да пишуваме и да читаме за вакви инспиративни луѓе, „херои“ од маало. Да бидат нивните дела запишани и препознаени, со верба дека нивните приказни ќе бидат мотив и за другите луѓе да бидат активни чинители во своите заедници. Младите кои ги идентификуваат проблемите во својата околина и наоѓаат начини или препораки за нивно решавање, се младите кои бараат одговорност од носителите на одлуки и оние кои се на позиција и треба да ги решаваат тие проблемите.
Повикот за младинската програма за креативни активистички интервенции е во тек. Сите заинтересирани учесници треба да ја пополнат апликацијата на овој линк https://forms.gle/H8YVdxZu9hh4HX1c6 најдоцна до 22 февруари до 17:00.