Tel: +389 71 330 266
Препораки за спроведување на мировното образование во училиштата

Препораки за спроведување на мировното образование во училиштата

Мировното образование ги опфаќа клучните концепти на образование и мир. Под образовен процес подразбираме организирано, систематско, институционално и формално  пренесување на знаење и вештини, како и пренесување на основни вредности и норми кои се прифатливи во одредено општество, но не го опфаќа концептот на мир. Пред се мораме да направиме важна разлика меѓу позитивниот и негативниот мир. Негативниот мир се дефинира како отсуство на големо физичко насилство – отсуство на состојба на војна. Позитивниот мир вклучува развој на едно општество во кое освен отсуството на директно насилство, нема структурно насилство или социјална неправда. Според тоа, образованието за мир може да се дефинира како интердисциплинарна област на образование чија цел е на институционално ниво да се воспостави настава за мир.

Мировното образование има за цел да им помогне на учениците да стекнат вештини за препознаавање на конфликтна ситуација, ненасилно решавање на конфликти и да ги зајакнат вештините за активно и одговорно делување во општеството за промовирање на вредностите на мирот. За разлика од концептот на разрешување на насилство, кој може да се смета за ретроактивен – обидувајќи да се  реши  насилството откако веќе се случило – мировното образование има проактивен пристап. Неговата цел е однапред да се спречи конфликтот уште пред да настане и подобро да се едуцираат учениците  и општеството за мировно постоење врз основа на ненасилство, толеранција, еднаквост, родова еднаквост, почитување на човековите права,  почитување на разликите и социјална инклузија и правда.

Ова се препораките коишто ќе бидат објавени во прирачникот што ќе го издаде Еквалис во текот на месец април и коишто се однесуваат на спроведување на мировното образование во училиштата:

  • Мировното образование треба секогаш да поаѓа од тековните проблеми и ситуации во коишто живеат младите, неотфрлајќи ги и општествените и политички контексти од минатото
  • Покрај содржинската компонента на мировното образование да промовира инклузија, таа треба да е рефлектирана и во групите со коишто се спроведува односно да се вклучат еднаков број на момчиња и девојчиња, девојчиња од рурални средини, ученици на етничките малцинства, ЛГБТ+ млади, како и лица со попреченост
  • Мировното образование треба да биде особено спроведено во средини во коишто младите немале никогаш контакт со неформалното образование и не се сретнале со темите коишто ги обработува мировното образование
  • Мировното образование треба да ги вклучи прашањата поврзани со родова еднаквост во сите теми и аспекти на своето работење
  • Мировното образование треба да го предизвика патријахатот и да ги охрабри младите да ги разобличат верувањата коишто директно ја засегаат нивната иднина
  • Мировното образование треба да ги земе во предвид медиумските средини во коишто младите функционираат, ги манифестираат и се соочуваат со предизвиците коишто ги обработува мировното образование
  • Ефективното спроведување на мировното образование подразбира вклучување на креативни методи коишто ќе ги едуцираат младите како: форум театар, театар на замрзнати слики, театар на сенки, слем поезија, графити, изложби, снимање на видеа или фотографирање
  • Наставниот и професорски кадар треба да помине низ обуки и тренинзи за соодветно обучување за воведување на мировното образование во училиштата
  • Стручните училишни служби (психолог, педагог и дефектолог) треба да се сензибилизирани за следење на ученици коишто се вклучени во едукативен циклус на мировно образование
  • Училиштата треба да воспостават соработка со граѓански организации и младински работници коишто имаат постоечко искуство во областа на мировно образование
  • Релевантните образовни институции на системот треба да вложат поголеми напори за воведување на мировното образование во формалниот образовен систем

Leave a Reply

Close Menu