Злоупотребата и нарушувањето на личниот, интимен простор станува сè поизразено преку дигиталното родово-базирано насилство. Изразуваме особена загриженост и остро реагираме на последните родово-базирани напади во онлајн просторот и кај нас и во регионот. Сведоци сме дека родово-базираното насилство директно се прелева, преку екраните во реалноста, а слабата системска поддршка и помош како и манипулациите и злоупотребата на фотографии, видеа и податоци оставаат штетни последици кои можат да бидат ненадоместливи.
Случајот во Кавадарци со шесте малолетници, ученици од деветто одделение во основно училиште, кои неовластено преземале приватни фотографии од нивни соученички, ги монтирале и меѓусебно ги споделувале со врсници ни го привлече вниманието поради сериозноста на нападите врз ученичките. Целта на учениците, како што соопшти Јавното обвинителство била да ги навредуваат, исмеваат и да нанесат штета на угледот на нивните соученички.
Со оглед на тоа што се работи за деца, гласно алармираме за овој случај и сакаме да додадеме дека потребен е системски пристап кој едуцира како сооодветно да ги користиме социјалните мрежи и онлајн просторот, но и како можеме да се заштитиме откако ќе се случи дигитално родово-базирано насилство, каде да пријавиме и каде да се обратиме за помош, но и како меѓусебно да се охрабриме и бориме.
Многу е важно сите да ги препознаваат разните форми на родово-базирано насилство. Токму за таа цел ние како Платформа за родова еднаквост сѐ уште едуцираме на нашите социјални мрежи и на нашите настани за разните форми на насилство што може да се случат во онлајн просторот.
Онлајн вознемирувањето носи физички и психички последици за преживеаните, како страв, вознемиреност, несигурност, но и неможност да се излезе од кругот на насилството. Тоа насилство влијае и на секојдневното функционирање на една индивидуа и сериозно може да го наруши нормалниот тек на животот.
Последниот случај од регионот, во Албанија, ja покажа најопасната последица што може да случи поради дигитално родово-базирано насилство, самоубиство. Полицијата во Тирана пред неколку дена извести за случај со 27-годишна жена која се самоубила. Подоцна беше уапсен маж, под сомнение дека објавил интимна фотографија од жената на социјалната мрежа ТикТок и дека тоа е причината поради самоубиството на жената.
И ова не е единствен ваков случај. Досега во 2024 година имало најмалку три случаи на жени кои извршиле самоубиство поради мажи, потврдила полицијата за медиумот БИРН.
Видливоста на онлајн просторот и брзото ширење на содржината создава огромен страв кај жртвите, а тие дополнително се изложени на насилство и во реалниот простор. Воедно, слабата регулација на социјалните мрежи на глобално ниво придонесува кон зголемување и на случаите на булинг, родово-базирано насилство, меѓуврсничко насилство како и говор на омраза.
Неодамна за време на сослушувањето во американскиот Конгрес за наводните штети врз децата преку онлајн просторот, извршниот директор на „Мета“, Марк Цукерберг, им се извини на родителите на жртвите, кои починале по сексуална експлоатација или вознемирување преку социјалните мрежи. Цукерберг беше меѓу петте извршни директори кои беа испрашувани во Конгресот на сослушувањето насловено „Големата технологија и кризата со онлајн сексуална експлоатација на децата“.
Самото постоењето на закони е само еден чекор кој не е доволен во справување со дигиталното родово-базирано насилство и последиците кое тоа ги остава.
Потребно е и апелираме за:
- Правилно информирање за препознавање на дигиталното родово-базирана насилство
- Пријавување и справување со последиците, како и психолошка поддршка за преживеаните
- Спроведување поефективни мерки на институционална и правна заштита
- Поефикасно и побрзо наоѓање и казнување на сторителите можат многу да влијаат кон превенција на насилството врз интимниот, личен идентитет во онлајн просторот.
Особено е важно да се зборува јавно и отворено за овој тип на насилство, за да се создадат безбедни заедници и простори каде ќе се пружи солидарност и поддршка. Со тоа, се отвара пат да се излезе од кругот на насилството, а преживеаните се охрабруваат меѓу себе дека не се сами и дека можат да изборат, заеднички но и со помош на законската процедура.