Tel: +389 71 330 266
Приказна за добра ноќ „Ана Голејшка Џикова – жената со сонце во себе “

Приказна за добра ноќ „Ана Голејшка Џикова – жената со сонце во себе “

Во отсуство на женски приказни коишто ќе ги пренесуваат женските искуства меѓу малите и големи момчиња и девојчиња, група на средношколци се одлучија да пишуваат „Приказни за добра ноќ“ за македонски жени што оставаат белег во нашатo општество. Инспирацијата е земена од постоечката книга „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“ од Елена Фавили и Франческа Кавало коишто пишуваат 100 приказни за добра ноќ за жени од целиот свет. Сооочени со потребата да им раскажуваме приказни за жени на макдонските момчиња и девојчиња е напишана оваа приказна за Ана Голејшка Џикова:

 

Си беше еднаш едно мало необично девојче наречено Ана Голејшка. На нејзиниот петти роденден, таа доби купче книги – огромни сликовници: „За твојот роденден“, „Бушава Азбука“, „Римски митови“… Беше толку возбудена што заспиваше врз нив и со нив. Голташе зборче по зборче и  самостојно научи да чита. Така, таа доби желба и инспирација да пишува.
Покрај пишувањето, таа сакаше и да готви. Најголема радост ѝ претставуваше саботното месење пита со својата бабичка. Баба ѝ го месеше тестото, а таа секогаш ѝ помагаше.

По дваесетина години, таа станува позната скопска поетеса и активистка со неизгаснати желби за пеење, готвење, пишување и помагање на луѓето.

Ги пишува книгите „ Љубов на улица“ и „Напишан дом“ и е дел од организаторите на поетската собиранка „Астални проекции“ каде секој млад човек има шанса да го покаже својот талент и креативност. Ана е среќна што создава такво нешто од чиста љубов кон пишаниот збор и за тоа секогаш ќе раскажуваат спомените од несекојдневните дружби на книжевната сцена каде владее заедништвото.

Покрај поетските успеси, Ана е една од основачите на хуманитарната акција „Ретвитни оброк“ чија цел е да нема гладни луѓе и да не се фрла храната, туку да се сподели со тој што нема. За неа, тоа е едноставен идеал – „направи нешто повеќе за другиот бидејќи само по себе тоа е награда без да очекуваш за возврат“.
Таа секогаш вели дека сака да готви за целиот свет: „Мисијата, најнаивно ми е да можам да ги нахранам сите што немаат што да јадат. Најслатко чувство е кога ќе видиш како некој од групата луѓе што добиваат саботен оброк, седнува на лице место и јаде од тоа што ти си го зготвил за него.“ Тоа е всушност малата, а многу голема разлика во нејзиниот и во животот на оние на кои им помага.

Ана денес е и рационална мајка. На својата ќерка Надја, секојдневно ѝ чита книги, ѝ готви уникатни оброци и уште од најмала возраст ја учи да не се плаши да ги менува нештата, да чувствува и да знае дека секогаш постојат решенија, само треба да се мислат и бараат. Во неа раѓа љубов кон човештвото, учејќи ја дека и таа е дел од него и ѝ остава аманет да го направи својот и туѓиот свет поубав, исто како мајка си.

Голејшка не е сигурна по што ќе остане запаметена бидејќи секој различно ја доживува, но таа секогаш ќе биде жена со сонце во себе, што силно свети и ги грее сите во нејзината близина.

Оваа приказна е напишана од група на средношколци од Скопје коишто се дел од програмата “What’s Gender Got to Do With It“?, спроведувана од Linking, Engagement, Advocacy and Development—LEAD стипендистот Ангел Димитриевски, а финансиски поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Leave a Reply

Close Menu