Панел дискусија „Дали образованието создава активни или сервилни граѓани?“

Панел дискусија „Дали образованието создава активни или сервилни граѓани?“

Здружението за едукативен развој “Еквалис”, на 21.12.2019 (сабота) ја организираше панел дискусијата на тема “Дали образованието создава активни или сервилни граѓани” како втор дел од отварањето на новата канцеларија на Еквалис. На самата дискусија како главни теми беа опфатени ограниченото право на протест во поглед на петочните средношколски бојкотирања против загадувањето на воздухот, проблематичната ситуација со поставување на партиски директори на средните училишта, дискутабилните содржини во учебниците, но исто така и погледите што треба да направиме следно за да има поголема синергија меѓу активностите во граѓанскиот сектор со активностите во формалното образование како ученикот како централна фигура би имал краен бенефит. Панелисти на дискусијата беа Тамара Ќупева – професорка во СУГС “Орце Николов”, Бленди Ходаи – претставник на Средношколски сојуз на Република Северна Македонија, и Ангел Димитриевски – младински работник во Здружение за едукативен развој – “Еквалис”.  Модератор на панел дискусијата беше Лиле Стефановска.

Како дел од прашањата коишто предизвикаа дискусија помеѓу панелистите беше “Дали образованието создава активни или сервилни граѓани” на коешто мнозинството се согласи дека формалното образование како единствено не е доволно за развој на критичната свест кај младите, земајќи ги во предвид наставните програми кои се со дискутабилна веродостојност, и  наставниот кадар кој е скептичен да вклучи новост и да развие капацитети за стекнување на знаења и вештини надвор од учебниот материјал.

Околу прашањето за бенефитот на државата од активни и освестени млади, панелистите го потврдија својот став дека е потребно што повеќе млади кои се подготвени да размислуваат надвор од кутијата, да бидат промената која сакаат да ја постигнат во општеството и конечно да се ослободиме од стегите на пасивизмот и партиските стеги кои ја определуваат нашата иднина во поглед на образованието, работните односи, начинот на живот.

Се дискутираше и околу прашањето за тоа колку преобемниот материјал кои го добиваат учениците ги спречува да бидат општествено активни, во разни неформални здруженија. На ова прашање се вклучија сите панелисти, а заклучокот беше дека од големо значење е и слободната волја на професорите, кои би можеле да направат промена во однос на начинот на предавање, вклучувањето на учениците во групи за истражување кои ќе ги доведат до сопствено мислење и критички став кон одредени прашања повзрани со материјалот.

Средношколскиот сојуз, како што сподели и Бленди, им дава можност на младите да бидат активни надвор од училишните клупи, без разлика на притисоците кои доаѓаат од наставниците или директорите на училиштата. Се согласи дека неформалното образование е пресудно кон создавање на активни млади, во заемност со формалното. Вклучувањето во разни младински организации, ги зајакнува младите и нивните капацитети за понатамошниот развој, но истовремено е потребна и поддршка и поттик од наставниците кои ќе застанат зад слободите и правата на учениците.

Отворањето на Еквалис е поддржано од European Endowment for Democracy.

 

 

 

Leave a Reply