Ekvalis
17.1.2023
Настани
Здружението за едукативен развој Еквалис го отвора повикот за едукативната програма за феминистичка слем поезија којашто ќе се одржи од октомври 2020 до јануари 2021. Програмата има за цел да вклучи девојки и жени на возраст од 15 до 25 години коишто сакаат да творат, да креираат општествено ангажирана поезија, да испратат активистички пораки преку својата изведба и крајно да ги постават своите слем поетски творби во вистински физички простори коишто се поистоветуваат на женските искуства во градот.
Зошто општествено ангажирана феминистичка поезија?
Поезијата како и секоја уменост треба да е освестувачка, да посочува на проблеми, да ги проблематизира, критикува и отворено ги става кон очите на јавноста. Дополнително, гласовите на жените како маргинални гласови во уметноста, па и во поезијата се забележуваат во минатото, а се’ уште и денес.
Преку оваа програма сакаме воедно да создадеме и општествено ангажирани феминистики коишто ќе ја користат поезијата како своја алатка во борбата за остварување на женските права.
Жената вообичаено претставена како инспирација, муза или некоја форма на недостижна награда е често пати предмет во уметноста. Со оваа програма сакаме да ги скршиме нормите во поезијата, но и воопшто во пошироките заедници дека жените и девојките ќе бидат гласни на свој автентичен начин и за своите сопствени искуства и потреби.
Слем поезија, што е тоа и зошто слем поезија?
Слемот е уметност. Изведбена. Слемот е и активизам. Каков активизам? Уметнички. Ненасилен и неагресивен. Слемот е поезија, ама и не е. Слемот е кој било авторски текст наменет за изведба на сцена, но не театарска сцена. Слемот не е театар. Слемот (не) е поезија.
Тек на едукативната програма за феминистичка слем поезија
1.Едукативен дел со врснички едукаторки
Првата фаза од оваа програма е едукативна и ќе ги отвори прашањата поврзани со теми од интерес на жените и девојките: сексуално вознемирување на јавните простори (јавен превоз, паркови, неосветлени градски простори), сексуалната активност/менувањето партнери кај жените и девојките (моралните осуди и вредносни квалификации коишто најчесто доаѓаат главно од патријахатот и машките стандарди), идеалот за убавина кај жените (различни видови, големини и облици на тела, шминкање, носење одредена боја на облека, приклонување кон разни музички стилови коишто асоцираат на одредено табуизирано облекување), но и пошироки теми на феминистичкиот активизам, женската борба за еднакви права, штетните влијанија на патријахатот и начини и форми за ненасилно активистичко делување.
Работилниците ќе бидат водени од страна на врснички едукаторки од Еквалис, а во некои делови и од страна на младинските работниц/чки во Еквалис. Ќе бидат одржани вкупно 5 тематски работилници. Овие работилници ќе бидат одржувани онлајн преку платформата Zoom.
2.Креативен дел- креирање на феминистичка слем поезија и вежби со Елена Пренџова- слем поетеса
Во втората фаза од програмата, учесничките ќе бидат водени, насочувани и обучувани за како да пишуваат феминистичка и општествено ангажирана слем поезија. Во текот на работилниците со Елена Пренџова учесничките ќе може да стекнат конкретни вештини за: како да се напише успешна слем песна, потребни вештини за успешен слем настап, техники за настап и изведување на слем поезија и перформанс, однос со микрофон и камери и пристапи за креативно, но и контекстуално пишување базирано врз основа на темите обработени во првиот дел од програмата.
Учесничките ќе имаат и менторски/констулативни средби со менторката Елена Пренџова којашто ќе ги подготви учесничките како да ги изведат своите слем песни на јавен простор.
3.Активистички дел- Изведба на феминистичка слем поезија на јавни простори
Сите учеснички на програмата ќе треба да ја изведат својата слем песна на локација по избор, но којашто се надоврзува на контекстот на песната. На пример, доколку поетесата во својата песна зборува за сексуалното вознемирување во јавен превоз, Еквалис ќе побара соодветна дозвола од соодветното јавно претпријатие таа песна да биде изведена во празен автобус. Примери за други локации се: жена паркот, пред статуи на истакнати жени борки, локации каде што е забележано изразито насилство врз жените, пред Владата. Сепак, ова ќе биде дефинирано од страна на самите учеснички.
Напоменуваме дека изведбите ќе бидат индивидуални и без публика поради заштита од корона вирусот. Сепак, тие ќе бидат снимени и потоа промовирани на нашите социјални мрежи, а во исто време сепак изведени во време и простор којшто е важен за жените.
Временска рамка за програмата
Програмта ќе започне на 24 октомври и ќе се одвива само во саботи со различни времетрање на работилниците, но максимално до 4 часа по работилница/менторство/перформанс. Исклучително е важно учесничките да го следат целиот тек на програмата затоа што сите делови се поврзани еден со друг. Ве замолуваме да аплицирате само доколку може да ја следите програмата во сите фази.
Како да аплицирате?
Сите заинтересирани учеснички треба да го пополнат формуларот за учество на следниот линк најдоцна до 18 октомври до 23:59.
Кој може да аплицира на програмата?
Оваа програма е отворена за девојки и жени од 15 до 25 години од територијата на град Скопје. Охрабруваме да се пријават девојки и жени со различни позадини, од различни географски подрачја на градот, трансродови девојки и жени, жени од помалите етнички заедници и жени со попреченост.
Напоменуваме дека за учеството на оваа програма е пожелно искуство во пишување поезија, но не и задолжително.
Оваа програма се одржува како дел од годишната програма за родова еднаквост на Еквалис насловена “What’s Gender Got to Do With It?“.