Ekvalis
17.1.2023
Настани
Младинската програма за онлајн активизам на Еквалис е отворена за млади од 15 до 30 години. Целта на оваа програма е да им понуди на младите заинтересирани за активистичко дејствување алатки за артикулирање на нивните гласови во онлајн просторот, да ги запознае младите со тоа како функционираат медиумите, а особено социјалните медиуми, како и да развие критички пристап кон медиумските пораки и информации со коишто младите се сретнуваат дневно.
Во текот на програмата учесниците ќе работат со искусни обучувачи, експерти по медиумска едукација, новинари и предводници на граѓански активисти. Во ваква улога ќе се јават:
1.Ангел Димитриевски е магистер и експерт по медиумска едукација при универзитетот за медиумска едукација во Тампере, Финска. Во своето работно искуство има спроведено голем број на младински програми со фокус на медиуми, врсничко насилство, родова еднаквост и изградба на мирот. Ангел бил дел од организацискиот тим на интернационалниот медиумски хакатон “SOMEJAM“ во Финска, ја има предводено програмата за родово претставување во медиумите “What’s Gender Got to Do With It“ и моментално работи како младински работник во Здружението за едукативен развој- Еквалис.
Ангел ќе биде обучувач на работилниците од првата фаза на програмата и ментор во втората фаза од оваа програма.
2.Кристина Озимец е истражувачка новинарка од Скопје и претседателка на Платформа за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА. Таа е исто така на чело на организацијата на Истражувачки Филмски Фестивал – Скопје. Таа е насочена кон покривање различни области како политика, корупција, владеење на правото, човекови права и образование. Озимец има добиено бројни награди за нејзините истражувачки стории и пофалена за нејзиното професионално известување за теми кои ги засегаат маргинализираните општества и човековите права. Таа спроведувала тренинзи и предавања за истражувачко новинарство и медиуми.Таа е координатор на две програми во ПИНА – Програма за жени новинарки и Програма за мобилно новинарство и координатор за програмата – Мрежа на млади новинари. Кристина дипломирала новинарство на Правниот факултет во Скопје.
Кристина ќе биде обучувачка на две работилници од оваа програма каде што ќе работи со учесниците на теми поврзани со медиумската писменост на социјалните мрежи, дезинформациите, медиумски манипулации, мобилното новинарство и мобилни видеа.
3.Мартин Колоски е млад новинар во Радио МОФ. Радио МОФ е алтернативен онлајн медиум кој преку продукција на независни и објективни програмски содржини, водени токму од млади автори, се обидува да понуди квалитет, диверзитет и етичност во младинското информирање, со цел да се развијат дискусии кои ќе бидат од корист за младата генерација.
Во рамки на програмата Мартин ќе направи осврт на она што го работи Радио МОФ, најзастапените теми кои медиумот ги покрива, а кои се најчесто поврзани со младинските интереси, од областа животна средина, културата, активизмот, но и социјални теми.
4.Ивана Смилевска- е млада новинарка во Радио МОФ. Радио МОФ е алтернативен онлајн медиум кој преку продукција на независни и објективни програмски содржини, водени токму од млади автори, се обидува да понуди квалитет, диверзитет и етичност во младинското информирање, со цел да се развијат дискусии кои ќе бидат од корист за младата генерација.
Во рамки на програмата Ивана ќе ја објасни рубриката на Радио Моф насловена како #ШтоТиТежи. Рубриката #ШтоТиТежи постои за одговарање конкретни прашања што ги мачат младите. Група на психолози-психотерапевти даваат стручно мислење и совет на прашања поставени од страна на читатели, а прашањата и одговорот на психологот секој четврток ќе се анонимно објавувани на Радио МОФ.
5.Рита Бехадини- Рита Бехадини е новинарка и модераторка на утринската програма на Алсат телевизија.Рита е активистка за правата на жените и се бори за унапредување на позицијата на жената во општеството.Таа има организирано различни активности и за подигнување на свеста за проблемите со кои сите ние секој ден се сретнуваме. Рита,истотака има иницирано голем број добротворни активности преку социјалните мрежи.
Како дел од Мрежата на млади новинари, Рита ќе раскаже за како настанала идејата за онлајн кампањата #НемаСапун/ #SkaSapun, каков фидбек добиле откако кампањата излезе во јавноста- како и за нејзините искуства со потенцијалите на социјалните мрежи да лобираат за промени во образованието и пошироко во општеството.
Рокот за аплицирање на оваа програма е до 15 март до 23:59, а целосниот повик за програмата- како и нејзината структура е достапна на следниот линк.