Рудник на смртта. Вака граѓаните и еко активистите го нарекуваат потенцијалниот рудник во Иловица – Штука. По големиот притисок од јавноста, Владата ја поништи одлуката за спојување на концесиите која ја донесе неколку недели претходно. Не кажа што се сменило во меѓувреме за да ја промени својата одлука.
На 27 јуни Владата на Република Северна Македонија донесе одлука да ги спои концесиите за експлоатација на бакар и злато на локалитетот Иловица во општините Босилово и Ново Село доделени на концесионерот. А, по неколку недели и еден протест од граѓаните од регионот Босилово и Ново Село на кој излегоа околу 3.000 луѓе што беше двојно повеќе од било кој претходен протест против таканаречените „Рудници на смртта“, Владата донесе спротивна одлука и го поништи спојувањето на концесиите.
Промена на одлуката
Образложение зошто по само еден месец од првата одлука се носи сосема споротивна одлука немаше, ниту пак Владата кажа што се променило во меѓувреме.
Кога беше донесена одлуката за спојување на концесиите, тогаш од Владата се правдаа дека само ја следеле пресудата на Управниот суд според која, Судот смета дека спојувањето на концесиите претставува посебно правно прашање, односно посебна постапка за која надлежниот орган до кого е доставено Барањето-Министерство за економија, согласно правилата на управната постапка е должен да постапува и да донесе соодветен Управен акт.
„Постапувајќи по насоките од предметната пресуда, како и по обновеното Барање за спојување на концесиите, Владата на Република Северна Македонија ја донесе Одлуката за спојување на двете концесии за експлоатација, доделени на ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС“, сметаа тогаш од Владата.
Горан Станиславиќ од граѓанското здружение Здрава котлина кое ги организираше протестите вели дека и по сите перипетии и заплети, е уверен дека отворањето на рудник ќе се спречи.
„Прашањето е колку ќе трае тоа, и со какви последици. Затоа што, најлесен начин да се спречи, е пред да се отвори. Во нивните студии е предвидено 20 години експлоатација. За тоа време треба да остават 210 милиони тони отровна иловина. Кога ги читав првпат студиите, таа бројка 210 милиони тони, ја читав и едноставно немав појма што е тоа, колку е тоа, како бројка. И тогаш почнавме да споредуваме. За споредба, ние овде имаме брана од која што пие вода Струмица. Таа е голема брана, кога е полна. За да се заобиколи езерото пешки, потребен е цел ден пешачење. Таа има капацитет од 48 милиони тона, кога е полна. Браната што овде треба да има отровна иловина е 210 милиони тони, замислете ја споредбата!“, вели Станиславиќ.
На иста бранова должина е и Горјан Јовановски од Зелен хуман град. Тој смета дека од еколошка гледна точка, рудник таму не треба да има. Објаснува дека самите жители, не сакаат рудник поради штетата која ќе се нанесе на котлината, и на животната средина и на нивните животи.
„Така што, мислам дека е многу „глупаво” од страна на една влада, на еден надлежен орган да форсира нешто со сила. Овде е очигледно дека одредена група на луѓе ги следи нивните интереси на цена на животната средина кај нас, а особено сега конкретно и во Струмичкиот регион. Ова е пракса која често ја гледаме и со мини хидро централите, како и прекумерното сечење на дрвјата во шумите. А, еве сега го гледаме истото и со отворањето на рудниците“, вели Јовановски.
Моќта на активното граѓанство
Од компанијата Еуромакс и претходно уверуваа дека проектот се реализира со целосно почитување и спроведување на сите законски и договорни обврски, а согласно планот за инвестиции во овој рударски комплекс се предвидени средства во вкупен износ од над 340 милиони евра, а досега се вложени над 40 милиони евра.
Според проекциите на инвеститорот презентирани пред надлежните институции и во јавноста во изминативе години, реализацијата на инвестицијата во Проектот „Иловица-Штука“, ќе отвори 3200 нови работни места во текот на работењето на идниот рударски комплекс, ќе овозможи извоз од 200 милиони евра на годишно ниво, и во државниот буџет ќе се плаќаат минимум 24 милиони евра годишно или вкупно над 500 милиони евра во вид на даноци и концесиски надоместоци.
Но, откако Владата ја поништи одлуката за спојување на концесиите, Еуромакс предупреди на покренување на арбитражна постапка во Америка преку користење на договор за заштита на инвестиции склучен помеѓу Македонија и Швајцарија. Според компанијата, имало сериозни индиции дека се спроведува црна кампања која на терен ја спроведувале „самопрогласани лидери на еко-активизмот.“ Државата сега се доведува во опасност да плаќа отштета од најмалку една милијарда евра на арбитража.
Од организаторите на протестот, Здрава котлина велат дека ова е смешна манипулација за заплашување и блеф што не држи вода.
„Договорот за заштита на швајцарски и македонски инвестиции не кажува дека ќе ги заштити инвестициите направени од Кајмански острови во Македонија. Напротив, си кажува дека ќе ги штити инвеститорите кои функционираат согласно македонските и швајцарските закони и надлежности и тоа при точно определени услови. Особено не кажува никакви приказни за инвеститори од Кајмански острови кои во тоа време се на сите можни меѓународни црни листи како даночен рај и омилена дестинација на светски криминалци“, велат од Здрава котлина.
Здружението вели дека нивната цел била мобилизација на населението, но и нивно информирање што точно се случува.
Поминаа два месеци откако Владата ја поништи одлуката за спојување на концесиите. Засега нема нови поместување и статус квото останува. Дали Владата ќе остане на својата последна одлука и рудник нема да има или пак ќе се случат нови пресврти, ќе покаже времето.
Но, граѓаните со своето делување и упорност покажаа дека организирањето и јавниот притисок даваат резултати. Дури и менуваат владини одлуки.
Овој текст е напишан од младинскиот активист Стојан Ајтов и е изработен во рамки на младинската програма за онлајн актвизизам имплементирана од Здружението за едукативен развој Еквалис во партнерство со Фокус, а поддржана од Националниот фонд за демократија, Европската младинска фондација и Советот на Европа.