Ekvalis
17.1.2023
Настани
Лила Милиќ е трансродова личност. Лила активно работи како активистка за заштита на правата на трансродовите лица и сексуалните работници во Северна Македонија. Лила е една од основачките на иницијативата Трансформа којашто има за цел да ја зголеми видливоста на трансродовите лица. Во продолжение е интервјуто коешто група на средношколци од средношколската програма „What's Gender Got to Do With It?“ го направија со Лила.-Кога и како се имаш спознаено себеси, во поглед на твојата родова идентификација? Лила: Себеси се имам спознаено на 4-5 години, каде што почнуваат да се појавуваат тие сфаќања дека сум многу поразлична од момчињата. На 15-16 години веќе седнувам со мајка ми и кажувам дека сакам мажи. Самозапознавањето дека сум трансродова личност е некаде на 28 години кога веќе сфаќам која сум и што сум, созревам целосно и почнувам да ги барам потребите за да ги променам мојата надворешност да е иста со мојата внатрешност. -Дали сега се соочуваш со дискриминација? Лила: Сега во моментот реално не се соочувам со дискриминација откако почнав јавно да говорам за потребите и проблемите на трансродовите лица. Претходно сум се соочувала со дискриминација од страна на држвани институции, каде што моето име и презиме се променети во моите документи и се типично женски, додека ознаката за пол и матичниот број ми се машки. Тоа доведуваше до ситуации кога сум била во банка или здравствена установа сум наидувала на реакции од службениците дека јас давам лажни и фалсификувани документи се додека не им дадам потврда од МВР дека го имам променето името. Сум се соочувала со вербални напади од страна луѓе поминувајќи на улица, но не сум била жртва на физичко насилство. Секогаш сум знаела како да се одбранам и сум имала некаква заштита околу мене. -Која беше твојата мотивација за да излезеш во јавноста и јавно да проговориш за животот на трансродовоите лица? Лила: Едноставно криењето со години и плашејќи се од тоа што може да ми се случи предизвика еден ден да сфатам дека е доста да се кријам. Ако сакаш да постигнеш или да добиеш нешто мораш да бидеш гласна и борбена. Јас сфатив дека морам да почнам јавно да говорам , бидејќи до самата 2019 година трансродовите личности во нашето општество беа тотално невидливи. Со појавувањето на јавни настани всушност се придонесува кон општо прифаќање на трансродовите луѓе. -Што би сакала да се промени во однос на ЛГБТ+ заедницата во Македонија? Лила: Пред сѐ, да се промени самата ЛГБТ+ заедница, бидејќи во самата ЛГБТ заедница има премногу хомофобија и трансфобија. Треба да се промени мислењето на самите ЛГБТ луѓе, па после тоа да ги менуваме мислењата на општата популација. -Каква е твојата реакција кога луѓето ќе ти се обратат во машко лице? Лила: Повеќе не ми се обраќаат во машко лице, зашто веќе сите тие луѓе со коишто контактирам секојдневно знаат која сум и што сум. Можеби некогаш, кога ќе отидам дома кај моите, соседите можат да ми речат „Еј, здраво, кај си бе ти“, ама не реагирам толку бурно, бидејќи тие и не знаат што правам јас во животот, така што немам проблем ако некој, кој воопшто не ме знае и не ме познава, ми се обрати во машко лице. Проблем би било доколку ми се обратат во машко лице луѓе со коишто секојдневно сум заедно и со коишто секојдневно комуницирам. -Дали ти беше тешко да им соопштиш на блиските во твојата околина за тоа која е вистински Лила? Лила: Живееме во општество коешто е многу конзервативно, многу затворено и на почетокот, пред да им кажам на моите пријатели, се плашев од можноста да ги изгубам. Сепак, подоцна сфатив дека е многу подобро отворено да им кажам која сум и што сум, отколку да живеам двоен и лажен живот, кадешто тие ќе ме знаат како една личност, а јас всушност сум сосема друга личност. -Каков е твојот став во врска со ЛГБТ+ луѓето кои што си заминуваат на Запад каде што е помалку конзервативно – ги поддржуваш или сметаш дека треба да останат овде и да се борат за своите права? Лила: Ги поддржувам луѓето кои бегаат од државата, бидејќи и јас имав таква намера, но сфатив дека не треба да бегам од мојава држава, зашто колку повеќе луѓето бегаат, толку повеќе прашања остануваат отворени овде. ЛГБТ+ лицата бегаат за да најдат послободен живот, за да можат да најдат работа, да бидат социјално и економски обезбедени, зашто тука кај нас тешко дека некој ќе вработи трансродово лице или некој што е од друга сексуалност. -Кој е твојот совет за луѓето коишто се припадници на ЛГБТ+ заедницата и коишто сѐ уште не се аутирале? Лила: Пред сѐ, да се прифатат самите себеси онакви какви што се и да не се срамат од тоа што се поразлични од другите, бидејќи само така ќе успееме да поместиме планини.