Ekvalis
17.1.2023
Настани
Здружението за едукативен развој Еквалис и група на младински активисти изминатава недела испратија писмо до Министерството за образование и наука и министерот Арбер Адеми со барање за намалување на наставниот материјал во основните и средните училишта на 70%.
Официјалното писмо беше доставено до МОН откако изминатиов период Еквалис во соработка со активистите од кампањата #спасзаучебнатагодина спроведоа повеќе активности за да ја мапираат функционалноста на моменталното спроведување на онлајн наставата во образованието. Писмото до МОН беше поднесено откако Еквалис спроведе за поддршка на оваа иницијатива којашто моментално е близу до речиси 3000 потписи коишто како таква бројка не треба да биде игнорирана од Министерството.
Истовремено и во петицијата, но и во ова писмо понудивме 7 аргументи зошто нашето барање за намалување на наставниот материјал е издржано. Имено овие барања доаѓаат изворно од ученици и сметаме дека треба да бидат земени во предвид, бидејќи сведоци сме на постојано игнорирање на младинскиот глас во процесот на креирање на образовни политики без значајна консултација со едни од најважните конституенти во образовниот систем, а тоа се самите ученици. Аргументациите се следни:
- Ист обем на материјалот како во нормални услови- иако условите се вонредни
- Повеќечлените семејства немаат доволно електронски уреди дома за следење на наставата (на пример:случаи со 3 деца во еден дом, а имање само еден компјутер. Или случаи на дете-ученик и професор во ист дом, а ограничен број на уреди)
- Отсуството на еден концизен начин за спроведување на онлајн наставата. Секој професор има различна платформа што ја користи- што во некои случаи може да значи дека учениците треба да следат повеќе од 5 различни платформи за своите задачи
- Занемарена психолошка состојба или домашната атмосфера на учениците со оглед на тежината на ситуацијата (паника, случаи на семејно насилство, анксиозност, делење на соба помеѓу повеќе деца од семејството коишто треба да имаат онлајн настава во исто време)
- Отворени и нерешени прашања за сведување на крајните оценки што создава притисок и врз професорите и врз учениците
- Непридржување до првичниот распоред на часови особено во поглед на зададени задачи. Ако по еден предмет имаме три пати неделно настава- да не се задаваат задолженија како тој предмет да се има пет пати во недела
- Кратки временски рокови и голем притисок за доставување на задачите и покрај големиот постоечки притисок со општата состојба во државата