Во средните стручни училишта праксата е задолжителна. Но, за жал, не сите средни стручни училишта се подготвени истата да им ја обезбедат на учениците. Не секогаш училиштата имаат склучено договор за соработка со соодветно претпријатие или правно лице каде учениците би можеле да одат на пракса .
Ученик од едно стручно училиште со кој разговаравме вели дека што се однесува до условите во училиштата за спроведување пракса има доста опремени училишта со ресурси за да може да се спроведе таа пракса.
„Но, оние училишта во чии струки праксата се одвива во претпријатија не секогаш е успешна“, објаснува ученикот.
Има ли злоупотреба на праксата и кој го прави тоа најчесто?
Чест случај на злоупотреба може да биде само потпис на документ кој потврдува дека ученикот ја завршил праксата, иако за тоа нема никаква основа и ништо од договорот за пракса не е извршено, а ученикот не одел на пракса и не го стекнал предвиденото знаење.
Во однос на овој проблем учениците со кои разговаравме велат дека тоа често се случува кај учениците од правна, економска и трговска струка.
„Понекогаш тоа се должи на учениците коишто не пројавуваат желба за да одат на пракса, но во многу случаи проблемот лежи во тоа што правните лица не им пружаат прилика на учениците да ја спроведат својата пракса кај нив”, ни изјави еден ученик.
Во помалите места во училиштата може да дојде до ситуација учениците да бидат приморани самите да си обезбедат пракса, бидејќи праксата која им е обезбедена не е на соодветно место. Ова најчесто се случува и затоа што работодавачите не искажуваат желба или не им пружаат прилика на учениците да ја обават својата пракса. Некои дури и ги одбиваат со изговор дека не сакаат да им се мешаат во работата.
Но, се разбира за тоа најодговорно е училиштето затоа што тоа е должно да им обезбеди соодветна пракса, а не како што се случува во практика, учениците сами да ја бараат.
Учениците со кои разговаравме потврдуваат дека чести се случаите каде тие сами бараат место за пракса.
„Искрено, да. Иако е добра опција доколку имаме на ум каде да ја реализираме нашата пракса ние да избереме, на многу од учениците коишто не знаат каде да одат на пракса не им е пружена помош да најдат соодветно место или пак во краен случај училиштата воошто не им помагаат да најдат. Сметам дека однапред училиштата треба да имаат одредено места за пракса во зависност од барањата, квалитетите и струката на учениците“, ни објасни еден ученик.
Законски пропуст или непочитување на законот
Се наметнува прашањето зошто се појавуваат овие проблеми кога ова прашање е уредено со закон. Според Законот за стручно образование и обука загарантирани се правата на учениците и работодавачите кај кои ја извршуваат праксата.
Според Член 15 од овој закон работодавачот има право да предлага измени и дополнувања на постоечките или да предлага нови наставни планови и програми.
Работодавачот исто така има и обврска да ги постигнува целите за практична обука од наставните програми согласно со предвидениот фонд на часови, да склучи договор со установата за стручно образование и обука и со ученикот за реализација на практичната обука и да обезбеди надоместок за ученичката работа во согласност со условите пропишани со договорот.
Додека со Член 22 се заштитуваат правата и обврските на учениците па според тоа учениците имаат право за време на обуката да добиваат надоместок за работата кај работодавачот утврден во договорот и да го раскинат договорот според условите утврдени во договорот.
Но, учениците имаат и обврски: редовно да ја посетуваат практичната обука и да ги исполнуваат работните обврски утврдени во договорот и за време на обуката да ги следат упатствата за работа на работодавачот и училиштето.
Дали ова значи дека имаме закони кои ги заштитуваат учениците, но едноставно тие закони не се почитувааат или пак некои лица не се запознаени со нив?
Има работодавачи подготвени да примат практиканти
Барбара Стевческа, сопственичка на адвокатска канцеларија во Скопје во моментов има практикант во својата канцеларија.
„Во моментот во мојата адвокатска канцеларија има практикант од средно училиште кој има аплицирано на оглас за платена пракса преку Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. И во иднина долколку има заинтересирани средношколци за пракса во адвокатска канцеларија, тие се добредојдени”, вели Стевческа.
Бизнис секторот пак, смета дека се потребни допрецизирања на законот за да се разјаснат сите нејаснотии за праксата да биде поефикасна, бидејќи не е регулирано законски колку часа треба да трае истата.
Но, и оние делови кои се доволно прецизни во сегашниот закон, треба да се применуваат целосно. За тоа да се случи, со законот треба добро да бидат запознаени, пред се, училиштата за да можат истиот да го применуваат.
Овој текст е напишан од младинската активистка Ана Марија Ристевска и е изработен во рамки на младинската програма за онлајн актвизизам имплементирана од Здружението за едукативен развој Еквалис во партнерство со Фокус, а поддржана од Националниот фонд за демократија, Европската младинска фондација и Советот на Европа.