Ekvalis
17.1.2023
Настани
Публикацијата „Гласно за квир искуствата во македонското општество“ од денеска е достапна онлајн на македонски и албански јазик. Наскоро Еквалис започнува со спроведување на медиумска кампања базирана на 4-те приказни на личностите што се јавуваат како раскажува(ч)ки во оваа публикација, како и со аудио верзија на приказните.
„Гласно за квир искуствата во македонското општество“ е публикација составена од 4 приказни на 4 припадниц(чк)и на ЛГБТИК+ заедницата, коишто се идентификуваат како геј, лезбејка, бисексуалка и трансродова жена. Оваа публикација зборува за искуствата. Нашите искуства коишто се секогаш секундарни за системот. Искуствата поврзани со безбедноста, одењето по улица, стравот, физичките напади коишто припадниците на нашата заедница ги имаат износено на својот грб. Потоа, процесот на прифаќање и самоприфаќање, долги и комплексни битки со самите себе, а, понатаму, и со нашите микросредини, семејства, институции, религии, општества и Влади.
Оваа публикација зборува за локации, места и простори во коишто нашата заедница се чуствува удобно да се социјализира, а каде што, во исто време, се имаат случено, можеби, и најопасните искуства за нас. Како читател(к)и на овие приказни, ќе нурнете во искуства поврзани со семејеството, со нашите биолошки семејства и со живеењето во постојан грч поради стравот да не го изгубите семејството коешто го имате, ако им го откриете своето вистинско „јас“. Приказните се и за нашите искуства на заљубување, живеењето тајни животи со нашите партнери, нашите среќни мигови и нашите погледи за иднината. Дури, и за нашата анксиозност за иднината. Но, и за чувството дека иднината (ќе) е наша и дека ја земаме во свои раце.
Искуствата од оваа публикација, пред сѐ, им ги даваме на припадниците на нашата заедница. Во секоја од овие приказни сакаме да отвориме простор за надеж, за поистоветување, за чувство на единство и за живеење на заедничка реалност, но и за делење на визијата за подобар живот на нашата заедница. Сакаме да создадеме простор за борба, особено, простор за заедничка борба.
Пропратно, овие приказни им ги нудиме и, како будење, на оние коишто ја имаат моќта да бидат привилигирани во ова општество поради својата сексуална ориентација. Ова се приказни коишто ги отвараат прашањата за привелгијата, за системот, за институциите и коишто, сосема ненаменски, низ нашето секојдневно живеење, сакаат да им препорачаат, на оние коишто имаат привилегија, дека нашите искуства се валидни, но дека нема да чекаме на валидација базирана на сожалување или милостина, туку, едноставно, ќе ги валидираме поради фактот што заслужуваме да бидеме еднакви исто како и хетеросексуалните и цис луѓето во оваа држава.
Приказните во оваа публикација се приказни на четири припадници на заедницата коишто се идентификуваат како геј, лезбејки, бисексуалки и трансродови лица, но во исто време носат и други маргинални идентитети. Тие идентитети се провлекуваат и се спомнати низ самите интервјуа. Некои од нив се лица со попреченост, други се жени, млади или доаѓаат од помали средини, надвор од главниот град. Разговорите со секој/а од нив се транскрибирани и прераскажани онака како што течеа, полни со природен говор, дијалектни изрази, жаргони и англизми. Веруваме дека, токму тој, директно пренесен говор, без никакви интервенции, ќе ви помогне, Вие, како читател(к)и, да ги почувствувате овие приказни поблиски, пообични и посекојдневни.
Заради заштита на личната безбедност, сите говорници се анонимни, иако, некои од нив се имаат и јавно аутирано. Споделувањето имиња на локали, локации, градови и институции во оваа публикација е свесно, намерно и дозволено од страна на говорни(ци)чките.
„Оваа публикацијабеше овозможена преку проектот за ЛГБТИ Инклузија 2.0 – дигитална едиција, кој е финансиски поддржан од ИЛГА-Европа, а имплементиран од страна на ЛГБТИ Центарот за поддршка во партнерство со Коалиција Маргини. Мислењата и ставовите произнесени во публикацијата не мора, задолжително, да ги изразуваат официјалните ставови на донаторот.“
Преземете ја публикацијата на македонски јазик тука. MK Version
Преземете ја публикацијата на албански јазик тука. ALB Version